сабота, 21 јуни 2025

Македонија со малку среќа го освои Казахстан, Трајковски донесе победа (ВИДЕО)

Работата е завршена, македонската фудбалска репрезентација со 1-0 победи на гостувањето во Астана кај Казахстан благодарение на гол на Александар Трајковски во првото полувреме.

Објавено на

часот

Сподели

Првото полувреме во Астана изобилуваше со офанзивна игра на двете страни. Првите минути ги имаше Македонија, Алиоски се обиде од косо во шестата минута, голманот на Казахстан, Сејсен одбрани.

Пет минути подоцна се обиде Елиф Елмас, но неговиот млак шут од далечина беше лесен плен за Сејсен. Во следната минута се обиде Чурлинов, но домашниот голман повторно беше на висина на задачата.

Следуваше период на Казахстан кој почна со шут на Кенжебек кој ја погоди стативата од голот на Димитриевски.

Во 26. минута Казахстанците имаа одлична двојна шанса, Чесноков прво не заврши добро иако беше во одлична позиција, топката дојде до Тагиберген кој упати бомба од далечина, но Димитриевски одбрани. Пет минути подоцна се обиде и Самородов, македонскиот голман го одбрани и тоа.

Клучниот момент се случи во 33. минута кога Казахстан направи грешка, топката дојде до Миовски кој се обиде да додаде, таа со помош на одбраната на домаќините му се намести на волеј на Трајковски а тој реализираше за водство на Македонија од 1-0.

Следуваше мирен меч до крајот на полувремето без зрели шанси на гол и на двете страни.

Второто полувреме беше поинакво, Македонија се затвори, а Казахстан со сите сили се обидуваше да го израмни резултатот.

Во 58. минута Самородов со силен удар од далеку ја погоди пречката од голот на Димитриевски.

Нашиот прв обид во вториот дел се случи дури во 80. минута кога Барди имаше добар шут од слободен удар, но Сејсен одбрани.

Пет минути подоцна нова статива за Казахстан, вкупно трета, овојпат Сатпајев се обиде од далеку, но констуркцијата од голот пак беше сојузник на Димитриевски.

До крајот на мечот Македонија успеа да се одбрани, имаше судиско продолжение од девет минути, го издржавме и тоа.

Македонија по четири одиграни кола во квалификациите за Светското првенство има освоено осум бода.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ