четврток, 9 јули 2026

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се судрија по прогнозите на ММФ за судбината на македонската економија

Новата пресметка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) повторно ги заостри партиските пресметки околу состојбата на македонската економија. Додека ВМРО-ДПМНЕ оценува дека економските показатели покажуваат напредок и дека критиките на СДСМ се политички манипулации, опозициската партија тврди дека реалните бројки покажуваат забавен раст, намалени инвестиции и влошување на животниот стандард на граѓаните.

Објавено на

часот

Сподели

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДС селективно ги толкува економските податоци и се обидува да создаде песимизам кај граѓаните. Според владејачката партија, прогнозите на ММФ не се конечни резултати, туку очекувања, а институцијата и понатаму предвидува стабилен економски раст и макроекономска стабилност за земјата.

„Економијата се движи напред, се инвестира и се гради“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека Владата работи на капитални инвестиции, инфраструктурни проекти, подобрување на деловната клима и привлекување домашни и странски инвестиции.

Од партијата ги наведуваат намалената инфлација од 3,4 проценти, инвестициите во инфраструктурата и ребалансот на Буџетот како показатели за, како што велат, позитивните ефекти од владините политики. Според нив, со ребалансот се обезбедуваат повеќе средства за општините, земјоделството, раст на платите, студентскиот и ученичкиот стандард, социјалната заштита и капиталните проекти.

ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата се осврна и на периодот кога на власт беа СДС и ДУИ, обвинувајќи ги дека оставиле висока инфлација, нарушени јавни финансии и изгубена доверба кај инвеститорите.

Од СДСМ, пак, оценуваат дека прогнозите на ММФ ги демантираат најавите на премиерот Христијан Мицкоски за силен економски раст и „инвестициски бум“. Според нив, Македонија во следните пет години ќе има просечен раст од околу три проценти, што е послабо од повеќе земји во регионот, меѓу кои и Косово.

„Ова е реалноста и вистината. Сè друго беа политички лаги“, велат од СДСМ, обвинувајќи ја Владата дека по две години власт не ги исполнила ветувањата за подобар животен стандард.

Опозициската партија како аргументи ги наведува падот на странските директни инвестиции, намалувањето на индустриското производство и бројот на вработени во индустријата, како и растот на трошоците за живот.

Од СДСМ тврдат и дека јавниот долг се зголемува, дека буџетскиот дефицит е потрошен предвреме и дека Владата се потпира на нови задолжувања наместо на развојни политики.

Дополнително, СДСМ ја критикува и политиката на Владата во однос на пензискиот систем, оценувајќи дека финансиската состојба на фондовите е загрижувачка и дека граѓаните се соочуваат со сè поголеми трошоци.

Според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) македонската економија ќе продолжи да расте, но со поумерено темпо. ММФ прогнозира раст на бруто домашниот приозвод (БДП) од околу 3,1 проценти за 2026 година, по растот од 3,5 проценти во 2025 година, додека на среден рок очекува економскиот раст да се стабилизира на околу три проценти годишно.

ММФ во последниот извештај посочува дека македонската економија се соочува и со ризици, меѓу кои се инфлациските притисоци, особено поврзани со цените на енергенсите, забавувањето на растот кај трговските партнери, како и потребата од структурни реформи за зголемување на продуктивноста.

Фондот предупредува и на значењето на внимателното управување со јавните финансии, имајќи предвид дека јавниот долг останува на високо ниво, околу 60 проценти од БДП.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ