четврток, 26 март 2026

ВМРО-ДПМНЕ: ДУИ и Али Ахмети не се орли туку корумпирани страчки

Имаме порака до Али Ахмети, не си ти орел, туку обично врапче. А во суштина, ни вие не сте орли, туку криминални и корумпирани страчки. Најгласни се токму најуплашените. На Албанците одамна им е преку глава од Ахмети, а тоа ќе го покажат на следните избори, заедно со Македонците, сите сложно, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по вечерашниот говор на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски му порача да размисли дека со кучиња не се ловат орли.

Објавено на

часот

Сподели

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ДУИ ќе ги изгуби речиси сите општини во Македонија и дека по изборите очекуваат „врапчињата да носат писма со понуди за коалиција, со бланко отстапки и ветувања дека ќе се реформираат“.

„Секако дека ќе се насмеeме на тие понуди. Наместо да оди во пензија – не му здосади дваесет години власт? Убава е власта за Ахмети кога се купува соравија, се возат џипови, се отвораат бизниси во енергетика, се отвораат градежни фирми, додека првиот комшија и другар од детство ти е шеф обвинител за организиран криминал. Е, за тоа се експерти. Но наместо да оди во пензија, тој зборува за крв, оружје и орли. А секој пат кога ќе дојдат избори, Ахмети доживува необична трансформација. Тоа е неговиот Павлов рефлекс – на звукот на избори, автоматски следуваат закани, патетика и заплашувања. Освен што е патетично, сето ова е и смешно. Како не му е мака, искрено не знаeме“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети вечерва на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски му порача дека е млад и дека треба да размисли дека со кучиња не се ловат орли.

„Христијане, млад си, размисли добро. Не се соочуваш со скапоцени камења или краставици, туку со добро специјализирани кадри, тимови во сите области. Мицкоски со кучиња оди на лов на зајци, но не и на орли. Орелот не се бори со кучиња, слуги и негодници кои ги дресирате за да нè оцрните. Орли, летајте високо во синилото, кучиња, чувајте се од зајци“, му порача Ахмети на Мицкоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ