Таравари рече дека со премиерот Христијан Мицкоски имале подолг состанок со министерот за здравство на Турција, а една од темите била и трагедијата во Кочани.
Се заблагодарив за тоа што направија таму за нашите пациенти. Изразуваат подготвеност да третираат уште 10 до 15 пациенти на кои ќе им треба долготрајна рехабилитација, над година дена и тоа да биде бесплатно. Во моментот, можеме четири до шестмина пациенти веднаш да ги испратиме, доколку има потреба. Со тек на време, до максимум петнаесет. Тоа е многу добра вест“, рече Таравари, одговарајќи на новинарски прашања.
За време на посетата на Турција, како што посочи, посетил двајца пациенти кои биле контактибилни, а нивните родители биле задоволни од третманот и инсистирале таму да продолжи рехабилитацијата.
Шеесет и две лица го загубија животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, рано утрото на 16 март, а околу 200 се здобија со повреди, по што беа пренесени на лекување во болниците во земјава, но и во странство.