
„Во станицата за технички преглед се констатирани неправилности во работата кои можат неминовно да придонесат до небезбедни возила на патиштата. Покрај нестручни лица кои ги извршуваат прегледите на возила, забележано е дека компанијата не води регистар на прегледани возила. Сепак, предлогот за забрана за работа на станицата министерот Оливер Спасовски не го потпишал, за на 5 октомври во станицата да пристигне автобусот, кој во ноември беше причина за ужасна трагедија.
Криминалот на владејачките министри и раководители кои одлучуваат да држат предмети во фиока, народот го надоместува со изгубени животи. Во непроценливи размери чини злонамерното владеење на СДСМ, ДУИ и коалициските партнери. Секојдневните одлуки на владиниот кадар и севкупната владина политика, се опасни по животите и здравјето на граѓаните и повикуваат на народна самоодбрана на физичкиот интегритет на секој поединец“, пишува во соопштението од Левица.
Од партијата додаваат дека не постои рокада на владиниот кадар која може да го испере, како што велат, „злосторничкото дејствување кое во повеќе наврати народот го чинеше човечки животи, а предвремени избори значат сламка за спас од канџите на хибридниот мафијашки режим“.






