Најновиот во низата инциденти се случи кон крајот на февруари оваа година во Вилхелмсхафен, кога наводно случајно бил откриен процеп од два сантиметри во цевката за гориво на фрегатата „Рајнланд-Пфалц“. Бундесверот (германските вооружени сили), претпоставуваат дека штетата е намерно предизвикана.
„Во принцип, можеме да потврдиме дека безбедносната состојба за поморските единици во бродоградилиштата, како и за бродовите во изградба, се промени поради неколку сомнителни случаи на саботажа“, изјави портпаролот на германските вооружени сили.
Случајот во март беше пријавен кај истражните органи, но истрагата подоцна беше прекината, соопшти Јавното обвинителство во Олденбург. Не беше можно да се утврди дали причината била намерно оштетување, истрошување на материјалот или фабричка грешка.
Други сомнителни случаи
Уште еден случај на сомнителна саботажа се случил во јануари 2025 година за време на инспекција во бродоградилиштето „Блум+Вос“ во пристаништето во Хамбург. На воениот брод „Емден“ во машинската просторија биле пронајдени неколку килограми материјал што можел да предизвика значителна штета. Станува збор за вид абразивен песок што се користи за чистење на површините на бродовите, објави Тагешау.
Одделот за криминалистичка полиција на Хамбург и канцеларијата на државниот обвинител соопштија дека веројатно станува збор за саботажа. Во врска со инцидентот беа уапсени 37-годишен Романец и 54-годишен Грк, за кои се верува дека работеле во пристаништето. Обвинителството не ги именуваше можните поттикнувачи.
Во текот на претходната година забележани се уште неколку сомнителни случаи: на еден воен брод се пресечени каблите, додека во друг случај, отпадно масло наводно било намерно истурено во системот за вода за пиење. Во двата случаи, канцеларијата на државниот обвинител ја прекина постапката.
Сомнеж кон Русија
Според западните безбедносни кругови, зад саботажите би можела да стои Русија. Безбедносните служби ја сметаат Германија за една од главните цели на руските операции, бидејќи Берлин е еден од најважните поддржувачи на Украина во нејзината одбрана од руската агресија.
Федералната канцеларија за заштита на Уставот и Федералната канцеларија за криминална полиција затоа предупредуваат за таканаречените „агенти за еднократна употреба“. Станува збор за ситни криминалци кои главно се регрутираат преку социјалните мрежи и се охрабруваат да вршат саботажи, а нивните клиенти често им плаќаат во криптовалути.
Надоместоците се движат од неколку стотици евра, додека за поголеми работи, кои вклучуваат саботажа на воена опрема на членките на НАТО, се претпоставува дека се нудат износи што достигнуваат десетици илјади евра.






