Во соопштение, ВЛЕН посочува дека поранешните министри за правда Блерим Беџети и Аднан Јашари имале доволно време и надлежности да го решат ова прашање, но, според нив, недостигала политичка волја.
„За Албанците имаше чекање, а за своите предност. За студентите ‘ќе видиме’, но кога стануваше збор за нивниот круг, системот веднаш се ставаше во функција“, наведуваат од ВЛЕН.
Од коалицијата тврдат дека токму во периодот кога Аднан Јашари бил министер за правда, синот на Талат Џафери го положил правосудниот испит иако сè уште немал дипломирано, додавајќи дека за обичните студенти немало решение за полагање на албански јазик.
ВЛЕН бара одговор од Јашари зошто, додека бил на функцијата, не го решил прашањето за правосудниот испит на албански јазик.
Според коалицијата, тие работат на системско решение кое ќе овозможи не само правосудниот испит, туку и сите професионални испити да може да се полагаат и на албански јазик.
„Албанците повеќе не сакаат врева. Сакаат решенија, а решението доаѓа“, се наведува во соопштението.






