
„Продолжуваме да работиме посветено, заедно за доброто на граѓаните. Пред нас имаме друг предизвик. Граѓаните ни упатија критика. А, ние тој став го слушаме и го уважуваме. Свесни сме дека повеќе нема толеранција за повторување на истите грешки. СДСМ ги слуша луѓето, не гази врз нив. СДСМ учи од грешките. Постојано се менуваме и ги поправаме грешките за да обезбедиме подобар живот за граѓаните. Ние сме демократска партија која се менува после критика.
СДСМ од понеделникот влезе во процесот на унапредување на комуникација со граѓаните и на тој начин стануваме уште подостапни за народот и ги зајакнуваме механизмите за брз одговор на сите потреби. Од овој момент, постапуваме по насока која ја дава народот.
Да се обединиме и да го дадеме гласот за напредокот на државата. Во вториот круг сме во 40 општини меѓу кои и Град Скопје. Токму Скопје ја влече државата напред. Скопје е наше, на сите. Пред сѐ на скопјани, но и на Македонците, Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и другите. Напредокот е невозможен ако Скопје продолжи назад. Гласот за СДСМ на 31 октомври е глас за живот во слобода и демократија, со власт која слуша и се коригира, а не со режимска власт пред која народот молчи“, пишува во партиското соопштение.
Оттаму додаваат дека со СДСМ продолжува растот на платите, пензиите, стипендиите, парите одат кај граѓаните, во мостови, железници, булевари, а не во споменици, а земјата продолжува да се движи по европскиот пат. Истовремено повикуваат на обединување околу идејата која води напред, во иднината, кон подобар живот и слободно утре.






