Фановите на тетовскиот клуб седеа кога се интонираше македонската химна, ја исвиркуваа, скандираа националистички, имаа транспаренти против ФФМ…
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) отвори дисциплинска постапка против Шкендија по неколку основи. А, сега Балистите го кажуваат својот став.
„Нашиот клуб Шкендија оваа година беше оштетен од страна на судиите со тенденција, нарачана од Фудбалската федерација. Целиот овој гнев изразен од наша страна е последица на ваквиот пристап кон нашиот клуб Шкендија, клуб кој има успеси на меѓународната сцена. Изјавите што ги видовме во текот на годината од страна на федерацијата беа аматерски и многу ниски за една институција која треба да биде неутрална и воздржана.
Во многу случаи беа линчувани поединечни имиња од клубот, без да се земе предвид дека Шкендија е име што влијае на широка заедница на навивачи и ги допира чувствата на еден етникум, од што се добива впечаток дека постои патолошка омраза кон нашиот тим.
Нашата порака и главниот апел е политиката да ги тргне рацете од спортот, бидејќи прашањата од фудбалот можат да се рефлектираат и во други сфери од животот со потешки последици. Ние не бараме ништо повеќе, освен правда за нашиот клуб.
Македонските медиуми по секоја цена сакаат да ја драматизираат ситуацијата за да биде казнета Шкендија, но едно ќе ви кажеме – ние сме Албанци, го имаме нашиот јазик, нашата традиција, не прифаќаме понижување и потчинување. Дали заборавивте на навредите и пцовките од ваша страна на национална основа? Нашите повици се последица на оваа појава и се контра-одговор на тие групи.
Немаме проблем да му честитаме на Силекс за заслужената победа, меѓутоа бараме во следната сезона да има правда во сите натпревари и натпреварувања, и во Купот и во лигата, иако изгледа многу тешко такво нешто во оваа држава“, стои во соопштението на Балисти.






