Одлуката е формализирана со владина уредба за мерките поврзани со транспортот на одредени земјоделски производи од Украина, објавена вчера во унгарскиот службен весник.
„Владата се откажува од намерата да ја повлече Унгарија од Меѓународниот кривичен суд и забранува увоз на земјоделски производи од Украина“, напиша Маѓар вчера на Фејсбук.
Според уредбата, забраната за увоз се однесува, меѓу другото, на говедско, свинско, јагнешко и козјо месо, живина, јајца, мед, зеленчук, пченица, ‘рж, јачмен, пченка, хелда, брашно, семки од сончоглед, масло за јадење и вино ако потекнуваат од Украина.
Забраната не се однесува на стоките кои минуваат низ Унгарија во транзит, но таквите пратки се предмет на строги услови. Во случај на прекршување на прописите, превозниците можат да бидат казнети до 100 проценти од вредноста на стоките без ДДВ.
Како што објасни унгарскиот медиум Телекс, прописите донесени за време на вонредната состојба престанаа да важат кога таа беше укината на 14 мај, па затоа владата дел од нив ги префрли во редовното законодавство.
Сепак, забраната за увоз на украински производи не беше меѓу тие одредби и сега е повторно воведена со оваа одлука.
Министерот за земјоделство и храна Саболч Бона изјави завчера дека нема да дозволи „украинската или која било друга увезена стока да го загрози постоењето на унгарските земјоделци или снабдувањето со здрава храна на унгарското население“.
Според министерот, заштитата на унгарските производи, земјоделското земјиште и земјоделците е национален интерес. Затоа, Министерството за земјоделство веднаш ќе ја анализира ситуацијата и ќе преземе потребни законски чекори за да се осигури дека заштитата на унгарскиот пазар повторно ќе стане „јасна и применлива“.
Во позадина на овие настани, министрите за надворешни работи на Украина и Унгарија треба да одржат разговори во последната недела од мај. Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха вчера се сретна со својата унгарска колешка Анита Орбан, при што се договориле чекорите што ќе претходат на средба меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и унгарскиот премиер Петер Маѓар.






