Леталото без екипаж полета од својата лансирна рампа во Тексас набрзо по 17:30 часот по локално време во петокот. Пробниот лет заврши околу еден час подоцна, кога Старшип слета во Индиски Океан и експлодира, што беше предвидено со планот на мисијата, пишува Би-би-си.
„Честитки до тимот на Спејсекс за епското прво лансирање и слетување на Старшип В3! Постигнавте погодок за човештвото“, објави Маск на својата социјална мрежа Икс.
Тимот на Спејсекс го прослави лансирањето на најмоќната и највисоката ракета некогаш изградена, но иако мисијата ги постигна повеќето од своите клучни цели, не сè поминало целосно според планот. Првичниот обид за лансирање во четврток беше одложен поради неисправен хидрауличен клин на лансирната рампа.
Liftoff of Starship! pic.twitter.com/LQLdjK5V6K
— SpaceX (@SpaceX) May 22, 2026
Портпаролот на Спејсекс Ден Хуот кажа дека ракетниот погон не успеал да го заврши таканареченото повратно палење по лансирањето. Покрај тоа, еден од моторите на Старшип откажал, што предизвикало останатите пет да работат малку подолго за да компензираат.
Иако вселенското летало не влезе во точната планирана орбита, Хуот кажа дека следело патека што била „во рамките на дадените граници“. „Не би го нарекол тоа номинален влез во орбитата“, додаде Хуот.
И покрај малите тешкотии, администраторот на НАСА Џаред Ајзакман им упати честитки на Маск и тимот на Спејсекс. „Еден чекор поблиску до Месечината… еден чекор поблиску до Марс“, објави тој на Икс.
За време на својата суборбитална фаза на летот, Старшип успешно ослободи товар составен од 20 лажни сателити Старлинк и два сателити задолжени за скенирање на неговиот топлински штит и испраќање податоци назад на Земјата за време на спуштањето.
Splashdown confirmed! Congratulations to the entire SpaceX team on the twelfth flight test of Starship! pic.twitter.com/XXBAtryPpL
— SpaceX (@SpaceX) May 22, 2026
Ова беше 12-ти лет на ракетата на компанијата Спејсекс, а во оваа прилика беше претставен најновиот дизајн висок 124 метри.
Дебито на Старшип В3 доаѓа пред првичната јавна понуда (ИПО) на Спејсекс, за која се очекува да биде најголемата во историјата на Волстрит. Понудата би можела да почне уште следниот месец. Благодарение на акциите кои Маск ќе ги поседува во Спејсекс, чија вредност се проценува на 1,25 трилиони долари, овој бизнис потег би можел да го направи првиот билионер во историјата. Спејсекс не само што се занимава со производство на ракети, туку нуди и сателитска интернет услуга наречена Старлинк и е сопственик на контроверзната компанија за вештачка интелигенција иксАИ.






