„Во реалноста граѓаните се затекнати од ценовно цунами, коешто ја потопува куповната моќ и шансите за минимум пристоен живот на граѓаните. Цените вртоглаво растат, животниот стандард на граѓаните драстично паѓа, платите не се покачуваат, гледаме дека тоа е така со месеци и нема ниту најава, Мицкоски се иззема од процесот на преговори помеѓу работодавачите и синдиактите, иако е негова можеби основна обврска како премиер тој да биде главен медијатор и да покаже политичка волја за покачување на платите“, рече Костова, додавајќи дека Мицкоски седи со скрстени раце, се иззема од секоја лична и работна одговорност и им вели на граѓаните да ги следат цените на интернет, а притоа не помага никако да се намалат цените, тој е директен соучесник во покачувањето на цените.
Костова нагласи дека од ВМРО-ДПМНЕ се подготвени на секакви ненаучни небулози, подготвени се и личниот и професионалниот интегритет да си го погазат, само не се подготвени на граѓаните да им помогнат, затоа што никогаш немале политичка волја да ги покачуваат платите и животниот стандард.
„И за жал гледаме дека си ја задржале таа дпмневска матрица. Тоа се истите тие коишто ја држеа минималната плата на 8-9.000 денари толку долго време, додека истуараа милијарди на стиропор и на лажен мермер. Во самиот избор на советници на Мицкоски гледаме дека продолжува дпмневската матрица, затоа како змија нозе толку време ги криеја советниците. Тоа се истите коишто ќе го советуваат Мицкоски како кога немаме леб, да трошиме за чоколадо“, нагласи потпретседателката на СДСМ Кристина Костова во емисијата „Клан дебата“ на Клан Телевизија.
Сосема спротивна на перцепцијата на опозициската партија за одговорноста во врска со падот на стандардот на граѓаните, е онаа на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кои сметаат дека „СДС го урниса животниот стандард“.
„СДС се тие кои што го урнисаа животниот стандард на граѓаните.
СДС се тие во чие време на седумгодишно владеење до прагот на сиромаштија донесоа над 500 илјади граѓани, кои денот го поминуваа со по 150 денари на ден.
Сиромаштијата во време на владеењето на СДС зазеде големи размери, а народот одвај преживуваше. Од друга страна елитата на СДС се богатеше и луксузираше на грбот на граѓаните.
Македонската јавност памети дека скапотијата и инфлацијата во време на владеење на СДС беше двоцифрена.
СДС се тие коишто го уништија енергетскиот сектор и ги ограбија енергетските компании, кои преку наместени тендери се богатеа, а народот осиромашуваше.
Токму поради ваквото уништување и грабеж на енергетскиот сектор и компании, цената на електричната енергија се зголеми за 50 отсто.
СДС се тие кои што го зголемија ДДВ на прехранбените производи од 5% на 10%.
Затоа, наводната грижа на СДС од опозиција за животниот стандард на граѓаните е лажна и лицемерна.
Економскиот пустош што го оставија треба долго време да се санира и среди. Токму затоа, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ континуирано презема мерки за подобрување на економската состојба и животниот стандард на граѓаните.
Расте бројот на странските инвестиции, се зголемуваат плати и пензии, се намалуваат цените на прехранбените производи.
Со ВМРО-ДПМНЕ на власт како граѓаните, така и целокупните општествени чинители, имаат партнер со кој заеднички креираат и носат политики за доброто на сите“, се вели во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ .