сабота, 15 ноември 2025
Локални избори 2025

„СДСМ се враќа“, порача Филипче од Битола

СДСМ се враќа, се враќа со јасна визија, со длабока самосвест и со поголема одговорност, истакна лидерот на опозицијата Венко Филипче на вечерашниот предизборен митинг во Битола.

Објавено на

часот

Сподели

Промовирајќи го кандидатот за градоначалник и членови на Советот на Општина Битола, Филипче посочи дека битолчани никогаш не молчеле кога вредностите биле нападнати, Битола никогаш не била нем набљудувач туку двигател на промена.

„ВМРО ДПМНЕ не ги решава проблемите на луѓето туку ги игнорира, оваа власт гази по солидарноста, човечноста, по демократијата, напредокот и правичноста. Битолчани никогаш не молчеле кога вредностите биле нападнати, Битола никогаш не била нем набљудувач туку двигател на промена, затоа од тука испраќам порака што ќе се слушне низ цела Македонија – СДСМ се враќа, се враќа со јасна визија, со длабока самосвест и со поголема одговорност. Се враќа со работа, со чесни ветувања и со луѓе што знаат што значи да се биде на страната на народот, луѓе што ќе служат, а не да владејат“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Пред членовите и симпатизерите на СДСМ и коалицијата, Филипче посочи дека најсилен адут на овие избори се луѓето.

„Битола е оставена на маргините. Како град кој е препознатлив по културата, по историјата, по урбаниот дух, денеска се гуши во застој и запустеност поради неспособноста на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Проектите стојат, улиците пропаѓаат, а младите си заминуваат. Нема визија, нема стратегија, нема ниту основна одговорност. Доста беше. Време е за политика која носи резултати, а не изговори, време е за луѓе што се борат за другите, а не за себе. Затоа да се избориме за Битола што ќе расте и ќе се развива, да се избориме за Македонија што ќе оди напред“, порача лидерот на опозицијата Венко Филипче и повика на масовно гласање за како што рече да ја вратиме Битола на патот на прогресот и Македонија во рацете на народот.

Нема сила што може да не запре, нашата цел е Битола да ја вратиме на вистинскиот пат, истакна кандидатот за градоначалник од СДСМ, Методија Куновски.

На вечерашниот митинг во Битола, Куновски посочи дека на овие избори СДСМ и коалицијата нудат тим со искуство, младост и енергија.

„Битола има потреба од заедништво, ние имаме потреба од заедништво од искуството на оние што го граделе овој град и од енергијата на оние што се подготвени да го водат напред. Битола чекори во провалија, застана, замолкна и се изгуби духот на градот. Имаме власт која зборува многу, а прави малку, власт која неслуша туку се правда зошто не направила, власт која општината ја претвори во затворен круг на неколку луѓе. Нема сила што може да не запре затоа што нашата цел е Битола да ја вратиме на вистинскиот пат“, посочи Куновски.

Пред членовите и симпатизарите на опозициониот СДСМ и коалицијата, Куновски истакна дека Битола заслужува нова власт која ќе обединува.

„Градот тоне во хаос, инфрструктурата пропаѓа, а младите заминуваат не затоа што сакаат, туку затоа што не гледаат перспектива. Битола заслужува власт што обединува, а не дели. Нашиот тим има искуство и знаење, младост и енергија, мудрост и младешки занес. Ние имаме луѓе што одвнатре ја знаат Битола, имаме програма што ќе ги реши реалните проблеми, другите ветуваат а ние планираме, другите молчат а ние зборуваме во ваше име. Оваа борба е за достоинството на Битола за да се врати гордоста, културата, духот на најградскиот град во Македонија. Време е за пресврт, време е вистинско лидерство, ние сме тие што ќе направат промени, а Битола ќе стане град во кој што човекот е најважен“, посочи Куновски.

На предизборниот митинг на СДСМ и коалицијата беа претставени кандидатите за членови на Советот на Општина Битола и носителот на листата кандидати за советници, Петар Николовски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ