Приврзаниците и симпатизери на движењето Беса синоќа излегоа на градскиот плоштад во Тетово и го прославија влегувањето на лидерот Билал Касами во вториот круг за избор на градоначалник на Тетово.
„Тетово за првпат ќе има градоначалник кој ќе се грижи за сите граѓани, без разлика на политичката, етничката или друга определба. Очекуваме во вториот круг од гласањето сите граѓани да застанат позади мене, зошто им ветувам дека за четири години Тетово ќе биде град во кој ќе бидеме горди што живееме, град во кој еднаш за секогаш ќе ги затвориме темите како што е водата, како што е чистотата, како што се кучињата скитници. За четири години, кој ќе сака да се кандидира за градоначалник на Тетово ќе зборува за култура, за образование, за наука, спорт, за живот на младите, ќе зборува за иднината, а не за минатиот век на што, за жал, не принуди да зборуваме актуелната градоначалничка. Според нашите информации ние водиме на гласањето, многу е тесно водството, но сепак водиме“, рече Касами.






