„Писмено поднесувам предлог за исклучување на јавноста во понатамошниот тек на постапката, бидејќи судот е должен да воспостави ред во оваа судница. Со реакциите на јавноста им е скратено правото на одбрана на обвинетите. Обвиниетите се чувствуваат како да се казнети уште пред завршување на постапката. Од јавноста во оваа постапка имаше директни закани кон првообвинетиот и барам тие да бидат исклучени“, рече адвокатката Коцевска.
Таа додаде и дека на минатото рочиште била обезбедувана од судската полиција бидејќи родителите на загинатите деца и го попречиле патот и не можела да ја напушти судницата во Идризово.
Судијката Диана Груевска Илиевска образложи дека кажано е дека тие ќе бидат опоменати и тие не се јавност, туку се оштетени во оваа постапка.
„Генерално јас не можам да ги отстранам сите бидејќи тие не се јавност. Опоменати се и доколку таквото однесување продолжи, ќе се постапува“, посочи судијката и додаде дека за инцидентот од минатиот пат е известена и полицијата.
Од Обвинителството посочија дека треба да има реална можност за остварување на заканата.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
На денешното рочиште предвидено е да сведочи директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков кој е во судницата.
К.Д.






