понеделник, 4 мај 2026

Полскиот претседател сака нов устав

Полскиот националистички претседател Карол Навроцки вчера назначи совет задолжен за изготвување нов устав, потег што го продлабочи неговиот конфликт со либералната влада на премиерот Доналд Туск.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Иако сите парламентарни групи беа поканети во советот, неколку луѓе блиски до опозициската партија Право и правда (ПиС) беа меѓу првите назначени членови, пишува Политико.

Навроцки ги најави плановите за уставна ревизија уште во петокот, на што Туск веднаш реагираше на социјалните мрежи. „Предлагам, пред да работиме на нов устав, прво да почнеме да го почитуваме постојниот“, му порача Туск. Полскиот претседател и проевропскиот премиер се во политички конфликт со месеци, а Навроцки се стреми да ги прошири своите моментално ограничени овластувања со овој потег.

Иако полскиот претседател има право да предлага уставни промени, за нивното усвојување потребно е двотретинско мнозинство од пратениците во Долниот дом на парламентот и апсолутно мнозинство во Сенатот. И двата дома се контролирани од либералната владејачка коалиција која се спротивставува на Навроцки.

Неговиот сојузник, десничарската опозициска партија ПиС, нема мнозинство во парламентот, што го прави речиси невозможно усвојувањето на предлозите на претседателот. Именувањето на членовите на советот во неделата беше симболично, бидејќи 3 мај се слави како Ден на уставот во Полска.

Туск ја искористи приликата да упати уште една порака до претседателот. „Само народите што ги почитуваат сопствените устави имаат шанса за победа“, напиша тој. На советот за новиот устав му е даден рок да подготви предлог за нов основен акт до крајот на мандатот на претседателот Навроцки, кој завршува во 2030 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ