Министерот за здравство Венко Филипче на заедничката прес-конференција со хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ, информираше дека разговарале за епидемиолошката ситуација и за мерките и споделиле искуства, видувања, предвидувања и планови за идниот период.
„Хрватска се покажа како многу добар менаџер во текот на почетокот на кризата, а тоа беше првата половина на 2020 година кога активираа многу механизми и кога еден навистина хетероген систем во смисла на различни здравствени системи во рамките на ЕУ требаше да одговори унисоно. Во таа смисла, разговаравме и за тоа што би можело и како да биде ситуацијата во есенските месеци и секако организацијата на целокупните процеси во текот на летните месеци“, рече Филипче.
Министерот Радман пред јавноста се обрати на македонски јазик и истакна дека со денешната донација од 10.000 дози вакцини, Хрватска искажува решителност и подготвеност за конкретна помош на своите најблиски соседи за целиот процес на борбата против коронавирусот да биде што е можно посупешен.
„Сепак, нашиот ангажман не завршува тука. Владата на Релублика Хрватска на вчерашната седница ја донесе одлуката за донирање на дополнителни 20.000 дози вакцини на Северна Македонија“, рече Радман.
Според него, ефикасното спроведување на вакцинацијата е единствениот излез од пандемијата на ковид-19, со потребата да се одржи неопходната рамнотежа меѓу постепеното отворање на границите и здравјето на граѓаните.
Според Филипче, сите вакцини се безбедни и без одобрение на Агенцијата за лекови ниту еден лек нема да биде пуштен во промет, уверувајќи дека граѓаните треба да бидат спокојни.
Одговарајќи на новинарски прашања, Филипче кажа дека за евентуални мерки поради ширењето на делта сојот на коронавирусот ќе се разговара во понеделник.
„Сите препорачани мерки се доволни, но нема план за некакво засилување. Единствено би разговарале во однос на штитењето на границите. Да се процени ризикот и дали тоа е вистинска мерка со која можеме да се заштитиме од делта-сојот“, истакна Филипче.
Како што рече, здравствените власти во моментов се фокусирани на вакцинирањето кое, се спроведува во сите пунктови во државата, додавајќи дека се поделени сите вакцини спогласно пријавените граѓани.
„Во вторник следната недела ќе заврши вакцинацијата на сите пријавени граѓани, освен во Скопје, Тетово и Битола. Во овие три града ќе се вакцинираат сите пријавени и ќе добијат термин во петок, следната недела“, најави Филипче.
Вкупната бројка на вакцинирани граѓани на крајот на следната недела ќе биде околу 500 илјади, но здравствените власти сметаат дека тоа не е доволно, па освен апелите за вакцинирање ќе спроведуваат и кампања.
Филипче за наредната недела најави и организирана теренска вакцинација за лица кои се помалку подвижни и хронично болни.
Освен донациите од Хрватска, наредната недела се очекува од Русија да стигнат и 10.000 вакцини „Спутник“.
Инаку, во денешното соопштение на Министерството за здравство се вели дека заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 346.836 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 12.294 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 14.615 граѓани. Вкупно се аплицирани 572.176 дози вакцини, а ревакцинирани се 225.340 граѓани.






