„Не откриваме детали од приватните дипломатски разговори. Претседателот Доналд Трамп јасно даде до знаење дека Иран не може да поседува нуклеарно оружје, а преговорите продолжуваат за да се обезбеди краткорочна и долгорочна национална безбедност на САД“, изјави портпаролката Ана Кели за Ројтерс.
Иран презентираше нова понуда насочена кон продолжување на преговорите со САД за трајно завршување на војната, објави претходно денес официјалната новинска агенција ИРНА на Иран.
Прекинот на огнот стапи на сила на 8 април, по речиси 40 дена израелски и американски воздушни напади врз Иран и возвратни напади на Техеран низ регионот, а мировните преговори се во застој оттогаш.
Само една рунда преговори беше одржана на 11 април во Пакистан, но таа не заврши со успех. Ормускиот теснец е сè уште блокиран од Иран, додека Вашингтон одржува блокада на иранските пристаништа.
Претходно оваа недела Техеран даде прелиминарна понуда која Трамп ја отфрли. Според американскиот портал Аксиос, иранската идеја наводно била да се одложат дискусиите за нуклеарното прашање за подоцнежен датум.
Тоа е централно прашање за САД и Израел, кои го обвинуваат Иран дека се стреми да развие нуклеарно оружје, обвинение кое Иран го негира.






