„За прв пат по многу години, Парада на победата во Москва ќе се одржи без тешко воено вооружување. Тоа многу кажува за тоа како се одвива војната за Русија“, смета Калас. Таа додаде дека „мрачната математика од бојното поле покажува дека Русија губи рекорден број војници“. Калас истакна дека Русија не успева да ги постигне своите воени цели и дека тоа станува сè поочигледно.
Руското Министерство за одбрана претходно објави дека парадата на 9 мај во Москва ќе се одржи без воена опрема поради „актуелната ситуација“. Словачкиот премиер Роберт Фицо планира да учествува на прославата по повод Денот на победата, со која се одбележува победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во 1945 година.
Меѓутоа, ставот на балтичките држави – Летонија, Литванија и Естонија – стана клучна пречка за планираната посета на Фицо, бидејќи тие одбија да му дозволат на неговиот авион да прелета над нивниот воздушен простор. Минатата година Фицо, српскиот претседател Александар Вучиќ и белорускиот лидер Александар Лукашенко беа европските лидери кои присуствуваа на прославата по повод Денот на победата во Москва како гости на рускиот претседател Владимир Путин.






