Утрешното финале ќе им биде четврти дуел оваа сезона, а Зверев признава дека не може да најде рецепт за победа над Синер.
„Јаник е прв во светот и нема загубено меч од февруари. Без сомнеж тој е најдобар во светот во овој момент. Мора да играм многу добро во недела за да имам некоја шанса. Знам дека сум способен за тоа“, вели Зверев.
Ривалството меѓу овие двајца почнува од 2020 година. Синер славеше на Ролан Гарос, а наредните четири меча ги доби Зверев. Сепак во последните две години работите се променија и во моментов Италијанецот води со 9-4 во меѓусебните дуели.
„Сите тенисери имаа свои силни и слаби точки. Верувам дека на крајот секогаш победува подобриот. Дури ни со помош на вештачката интелигенција која ви ги дава најдобрите можни статистички прегледи за него и нема никаква тајна како игра, не успевам да најдам начин како да го победам. Вештачката интелигенција може да помогне само до одредена точка“.
Зверев објасни како ја користи технологијата.
„Како и повеќето други тенисери, анализирам некои статистички податоци пред мечот. Но, во тенисот секогаш влијае фактот дека ова е спорт на изненадувања. Против Јаник или против Карлос или останатите најдобри на светот, нема исти мечеви. Го знам тоа, го знаат и тие. Секогаш се адаптираме. Секогаш бараме начин како да стигнеме до победа. Јасно е дека статистиките помагаат, влијаат на тактиката, но тоа го знаат и тие и затоа мора да се менува начинот на игра“.






