На крајот на 2021 година, глобалната надеж и среќа ширум светот се намалуваат во споредба со минатата година. Стравувањата од претстојните економски потешкотии остануваат високи и постојано растат. Глобалната пандемија очигледно сè уште влијае на надежите, стравовите и очекувањата на светот – но има значителни разлики по региони и по земји.
Ова се некои од заклучоците од истражувањето „Крајот на годината“, најдолготрајното глобално истражување во светот започнато во 1979 година од Галуп интернешнл. „Крајот на годината“ е воспоставена традиција – со својот Индекс на надеж, Индекс на среќа и тренд на очекувања за економската состојба. Како што се приближува крајот на 2021 година, има надеж за посветла иднина ширум светот, иако не на ниво измерено пред неколку години.
38 отсто од светското население сега мисли дека 2022 година ќе биде подобра од 2021 година, 28% очекуваат полоша година, а 27% веруваат дека 2022 година ќе биде иста како 2021 година.
Сликата изгледа слична како на крајот на 2020 година. 2008 и понатаму останува најпесимистичка година во светот во новиот век. Според Индексот на надеж првите 5 најоптимисти се жителите на Индонезија (+72), Албанија (+65), Азербејџан (+53), Нигерија (+51), Мексико и Виетнам (со нето резултат од +47).
Првите пет најпесимисти се жителите на Турција (-34), Бугарија (-34), Авганистан (-32), Полска (-30) и Чешка (-25).
Во однос на регионите и земјите, односот оптимизам/песимизам се чини релативно стабилен во последните години. Европа, Русија и Блискиот Исток имаат тенденција да бидат попесимисти, додека земјите во Азија, на пример, се чини дека се пооптимисти.
Надежта во САД, Германија, Велика Британија, Австралија и Индија нагло се намалува во споредба со минатогодишното истражување, додека Јапонија, Мексико и Кореја значително растат.
Турција е уникатен случај со рекорден пораст на песимизмот (делумно поради високата инфлација).
И Македонија беше дел од ова глобално истражување. На прашањето: „Што се однесува до Вас, дали сметате дека 2022 година ќе биде подобра, полоша или иста со 2021 година?”, 21 отсто од анкетираните граѓани се изјасниле дека ќе биде подобра, 38% рекле дека ќе биде полоша, 37% дека ќе биде иста како 2021, а 4% не знаеле/немале одговор.
Очекувањата во однос на економијата покажуваат загриженост, но нема пораст на загриженоста во споредба со лани.
Денес, 26% од луѓето очекуваат економски просперитет за нивната земја во годината што доаѓа, 41% се подготвени за економски потешкотии, а 26% сметаат дека 2022 година ќе биде иста како 2021 година на економски план. Во Нигерија (61% се оптимисти), Индонезија (58%), Виетнам (55%) и Азербејџан (52%), Албанија, Индија (и двете со 49%) видно преовладува економски оптимизам наспроти песимизмот.
Очекувањата дека ќе има економски потешкотии се најдоминантни во Турција и Босна и Херцеговина (72%), Бугарија (64%), Полска (64%), Романија (61%), Авганистан (60%) и Германија (59%). Европа е попесимистична, а особено тоа е забележливо во Источна Европа. Регионите во развој честопати се повесели и со поголема надеж. Оптимизмот обично не е само прашање на благосостојба, туку и прашање на возраста на населението и перцепцијата за можностите за развој што претстојат.
Анкетираните граѓани во Македонија на прашањето: „Во споредба со оваа година, според вас, дали следната година ќе биде година на економски просперитет, економски потешкотии или ќе остане иста за нашата земја?”, 19% рекле дека ќе биде година на економски просперитет, 50% дека ќе биде година со економски потешкотии, 28% дека ќе биде иста како претходната, а 3% не знаат или немаат одговор.
И покрај пандемијата и економските потешкотии, личната среќа преовладува – како што е секогаш случај. Имаше подобри времиња пред околу пет години, но сепак во однос на личната среќа луѓето ширум светот и сега остануваат прилично задоволни. 56% од светското население сега се сметаат себеси за „прилично среќни или многу среќни“, повеќе од една десетина велат дека се повеќе или помалку несреќни, додека речиси една третина велат дека „ниту се среќни, ниту несреќни“.
Според Индексот на среќа на ГИА, првите 5 среќни земји се: Колумбија (+79), Казахстан (+76), Албанија (+74), Малезија (+73), Азербејџан (+70 ). Топ 5 несреќни се Гана (само +2), Авганистан (+9), Хонг Конг (+11), Ирак (17) и Русија (+18).
Најчесто, Латинска Америка, Африка и Источна Азија се меѓу најсреќните места во светот. Европа, Блискиот Исток и Русија (повторно, очекувано) се на помрачната страна. САД се во просекот во светот.
Во Македонија 7 отсто од анкетираните граѓани рекле дека се многу среќни, 48% се среќни, 34% ниту се среќни ниту несреќни, 8% се несреќни, 2% се многу несреќни, а 1% не знаат.
Канчо Стојчев, претседателот на Галуп интернешнл асоцијацијата (Gallup International Association) вели дека досега невидената финансиска поддршка на државите на своите граѓани како и деловни субјекти за време на пандемијата одигра позитивна улога и на некој начин го ограничи, но не го спречи ширењето на масовниот песимизам низ светот.
„Кога кризата почна во март 2020 година, мнозинството граѓани во светот беа убедени дека таа ќе биде завршена до крајот на есента. 2021 година беше обележана со очекување дека вакцините ќе го решат проблемот. Соочени со 2022 година, перцепцијата е дека се наоѓаме во ситуација без јасен крај. Растот на инфлацијата се очекуваше по масовното печатење на пари. Но загриженоста не е во тоа, туку дека ќе трае многу подолго од досега вообичаеното – заедно со нарушените односи кај глобалните добавувачи и експлозијата на цените на енергијата, светското население сега се соочува со невидени предизвици кои ќе шират политички тензии (не само во помалку развиените земји)“.
Истражувањето „Крајот на годината” (End of Year Survey) на Галуп интернешнл оваа година се спроведе во 44 земји во светот. Вкупно 41.560 лица беа интервјуирани на глобално ниво. Во секоја земја, национално репрезентативен примерок со околу 1.000 мажи и жени беа интервјуирани во текот на октомври-декември 2021 година, или лице в лице, преку телефон или преку Интернет. Маргината на грешка за истражувањето е помеѓу + 3-5% на ниво на доверба од 95%.
Во Македонија, Брима го спроведе истражувањето со теренска анкета (TAPI), лице в лице, во домот на испитаникот, на национално репрезентативен примерок со 1.210 испитаници на возраст 15+ години, во период од 19 ноември до 8 декември, со маргина на грешка од +/- 3% со ниво на доверба од 95%.






