Пренџов нагласи дека во текстот на законското решение не постои усогласување со ниту една европска регулатива, што укажува дека европското знаменце е ставено за да се оневозможи широка дискусија и изнесување на аргуметни.
„Вториот дел е тоа што во постоечкото законско решение субјективното влијание на приемната комисија пред која се полага само усмениот дел од испитот изнесува максимум 15% од вкупната оценка за секој кандидат за разлика од предложените законски измени каде што ова влијание ќе биде на 50%. Ние наместо 15% да имаме 0% влијание на човечки фактор, со ова законско решение одиме на 50% и тоа ни кажува дека уште пред да се запишуваат идните јавни обвинители и судии ќе се знае кој треба да се запише, а кој не треба да се запише. Понатаму имаме, куриозитет дека министерот за правда кој што е политичко лице, ќе избира член во комисијата, тој ќе го именува, ќе биде негово дискреционо право, ќе го именува членот во Комисијата кој што ќе одлучува кој може да биде судија или обвинител“, рече Пренџов.
За претеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како што додаде, е спорно, тотално нелогично, тотално неевропски, тоа што државен службеник усно испитува кандидати за јавни обвинители и судии кои работат како адвокати, стручни соработници, јавнообвинителски службеници и така натаму.
„Државен службеник не може нив да ги испитува ниту тоа да биде објективно“, рече пратеникот.
Според него, овојпат не може на ВМРО-ДПМНЕ да ѝ се каже дека прави блокада на законско решение, бидејќи од пратениците се поднесени само неколку суштински амандмани“. Тој нагласи дека на денешното продолжение на комисиската расправа, „поради процедуралните аргументи на ВМРО-ДПМНЕ, продолжението е закажано за по локалните избори.
„Едноставно, доста беше именување на чичо, вујче, бато од Струмица, од Свети Николе или од други градови. На оваа држава и треба објективно и непристрасно судство и обвинителство. Се’ друго е злоупотреба на власта и злоупотреба на мнозинството во ова Собрание“, изјави Пренџов.






