Во соопштението, партијата уште еднаш побара оставки од премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче.
„Зарем 14 загинати во монтажна болница не се причина да проработат, во најмал случај, моралот, етиката и совеста? Зарем човечкиот живот е поважен од министерувањето, од удобната кожна фотеља во која што безгрижно седат Заев и Филипче, додека семејствата на жртвите ги чекаат и ги бараат одговорите за трагедијата во која ги загубија своите најмили? Г-дине Заев, г-дине Филипче, барем покажете сочувство, покажете грижа на совест и веднаш понесете политичка одговорност бидејќи етичка и морална покажавте дека воопшто немате.
Неотповиклива оставка и понесување на одговорност од етички и морални причини е доблесен чин на искрен, чесен и самосвесен човек. На политичар и човек кој поседува личен интегритет и достоинство. За жал, министерот за здравство Венко Филипче докажа дека не е тој човек. Зоран Заев докажа дека не е тој човек. Очигледно, во нив нема ниту доблест, ниту грижа на совест, ниту искреност. Во нив нема никакво чувство на одговорност за трагедијата која што се случи во Тетово.
Наместо одговорност и одговори, повеќе од 10тина дена гледаме како власта од петни жили, на секој можен начин се труди да го заташка целиот случај. 14 лица, 14 наши сограѓани ги загубија своите животи, а на Зоран Заев и Венко Филипче око не им трепнува. Без нималку срам ја замајуваат јавноста неколку дена со измислената оставка на Филипче, за потоа да се преправаат како ништо да не се случило, се однесуваат како да нема 14 црно завиени и ожалостени семејства“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.






