петок, 8 мај 2026

Отворените листи и една изборна единица за унапредување на македонската демократија

Објавено на

часот

Сподели

На конференцијата свои излагања имаа Херолинд Сакипи, мобилизатор на заедницата и автор на проектот, Благица Димитровска, претседателка на здружението „Инклузива“ од Куманово, Џабир Дерала, активист за човекови права, писател и новинар и Бојан Кордалов, комуниколог.

Нема постигнат консензус помеѓу политичките партии за да се менува моделот и да се премине на гласање со отворени листи за советници на локалните избори, посочи Сакипи.

„Според направената анализа за изминатиот период значаен дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР за измени на Изборниот законик се усвоени, но не е прифатен моделот на отворени листи и препораката во врска со прагот на потребните потписи за независните кандидати. Не се применуваат и одредбите за биометриска идентификација на гласачите“, рече Сакипи на завршната конференција.

Партиите се согласни дека е потребен широк и кохезивен меѓупартиски консензус за кој е неопходно повеќе време со цел да се дојде до конечен договор прифатлив за сите.

Лицата со попреченост имаат еднакви изборни права, кои на изборниот ден во поголема мера не се почитуваат, посочи Благица Димитровска, претседателка на здружението „Инклузива“.

„Како држава ја имаме ратификувано Конвенцијата за правата на лицата со попреченост во 2011 година и во член 29 постои обврска за создавање на услови за еднакви изборни права за лицата со попреченост како гласачи, кандидати и набљудувачи. Од 2018 година ‘Инклузива’ врши мониторинг на изборните процеси со набљудувачи со попреченост и за сите избори има подготвено извештаи со препораки, а најголемиот дел од препораките се преклопуваат со препораките на ОБСЕ/ ОДИХР“, истакна Димитровска.

Како што посочи таа, „Инклузива“ и Државната изборна комисија (ДИК) склучиле Меморандум за соработка во 2018 година и оттогаш наваму заеднички создале материјали за поддршка на гласачите со попреченост како што се Шаблонот на Брајово писмо, граничникот за потпис и сликовити прикази за процесот на гласање.

„Се уште постојат многу бариери за еднакви изборни права на оваа категорија на граѓани, како што се системските бариери, непристапноста до гласачките места и некористење на материјали за поддршка на изборниот ден. Правото на избирачите со попреченост не е привилегија, туку е обврска за државата и изборните органи“, заклучи Димитровска.

Една изборна единица ќе овозможи одржлива демократија, а воведувањето на отворени листи ќе значи поголема власт за граѓаните наместо за партиите, смета Бојан Кордалов, комуниколог – специјалист за односи со јавност и нови медиуми.

„На претходните неколку изборни циклуси граѓаните испратија две многу јасни пораки. Првата, дека не се задоволни од политичката понуда кај нас и бараат таа да се проширува и прилагодува, а втората е дека граѓаните сакаат и гласаат за пошаренолики понуди како што е тоа случај со општинските совети. Воведувањето на ветените реформи во Изборниот законик ќе овозможи одржлива демократија, односно ќе оневозможи која било од големите партии да освои апсолутна власт. Бидејќи секогаш кога партиите на избори освојувале 60 пратеника, одговорноста кон граѓаните била многу ниска, а државата се оддалечувала од демократските процеси“, вели Кордалов.

Според него, политичарите мора да прифатат дека компромисот е главен составен дел од политиката и дека секоја власт на локално или централно ниво мора да прави компромис со другите политички претставници во коалицијата, но и од опозицијата. Потребно е, истакнува Кордалов, да престане комуникацискиот наратив дека некој некого уценува во политиката и затоа е неопходно граѓаните да гласаат само за една политичка партија. Напротив, со ваквите измени конечно ќе се создадат услови секоја власт да се „плаши“ од граѓаните, наместо како што гледаме децении наназад, граѓаните да се плашат од властите и политичарите кои ги избираат или, пак, од јавните институции кои секој од нас ги плаќа.

За време на конференцијата беше презентирана и онлајн анкета спроведена во рамки на проектот.

„Поддршка на изборните реформи“ е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), кој го спроведуваат Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) и нејзиниот партнер, Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ