
Писмото за поддршка од МФЈ стигна откако ССНМ о Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) реагираа и остро ги осудија отпуштањата на шестмина медиумски работници од Алфа ТВ минатата недела. Отпуштањата следуваа само неколку недели по синдикалните активности во оваа телевизија, односно протести поради неисплатени плати. ССНМ овие отпуштања ги оцени како незаконски, особено затоа што еден од отпуштените е и синдикален претставник кој според законот за работни односи е заштитен токму поради вакви причини.
„ИФЈ изразува солидарност со вработените во Алфа ТВ кои протестираа поради тоа што два месеци беа оставени без плата, како и со оние кои беа отпуштени поради таквите активности. Силно го осудуваме отпуштањето на синдикалниот претставник и ги охрабруваме надлежните институции да интервенираат и да го сопрат ваквото незаконско и своеволно постапување“, пишува во писмото од МФЈ.
Понатаму во писмото се додава дека бркањето од работа на вработен поради учество во синдикални активности автоматски е нефер и затоа законската регулатива предвидува посилна заштита за синдикалните претставници.
„Ова е европска норма и нејзината злоупотреба е прекршување на основните демократски права и стандарди. Силно ја поддржуваме нашата членка од Македонија, ССНМ во борбата за работничките права во медиумите и подобрувањето на условите за работа“, пишува во писмото.






