петок, 8 мај 2026

Македонските Бугари до властите во Софија: Не правете отстапки за нашата рамноправност во Македонија

Објавено на

часот

Сподели

Македонските Бугари, како што објави БГНЕС, испратиле повик до претседателот Румен Радев, премиерот Кирил Петков, претседателот на Народното собрание Никола Минчев и до претседателите на парламентарните групи во кој велат дека „клучот за идното проширување на ЕУ треба да биде во рамноправноста на сите народи од регионот и на оние делови од нив, кои, по сила на тешката балканска историја денеска живеат во соседни држави, меѓу други народи“.

Во повикот тие потсетуваат дека уште во октомври на бугарските политичари им порачале дека „се таков дел од народ кој со децении е откинат од својата татковина, дека претрпеле многу маки, страдања и понижувања, дека врз нив се врши насилна асимилација и дека со години им треба поддршка каква што имаат нивните сонародници во Македонија од соседните држави“.

Македонските Бугари, како што велат, не сакаат да бидат „граѓани од втор ред“, а тоа може да се случи само ако добијат уставни гаранции за нивната рамноправност со останатите делови од народи коишто се впишани во македонскиот Устав.

„Ние не сакаме ништо друго освен рамноправност. Сакаме како сите други делови од народи во РС Македонија да се радуваме на својот јазик, традиции, историја, споменици и сѐ друго што е поврзано со нашиот идентитет“, пишува во обраќањето.

Потсетувајќи дека „120 илјади од нив се и граѓани на Бугарија, врз основа на бугарско потекло, а десетици илјади други се во процедура на добивање бугарско државјанство“, апелираат до бугарските власти да не прават никакви отстапки за нивната рамноправност.

„Уставната процедура за внесување на македонските Бугари треба да започне сега и веднаш. Бугарите треба да бидат рамноправно споменати во Уставот на РС Македонија заедно со другите делови од народи“, порачуваат тие и додаваат дека во спротивно ќе продолжи децениската политика и пракса на нивна дискриминација.

Тие уште велат дека членките на ЕУ треба да го разберат и да го поддржат нивнот барање, бидејќи една од основните европски вредности е рамноправноста на граѓаните пред уставот и законите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ