Како и секојпат кога има избори, по завршувањето на гласањето во основното училиште „Лазо Ангеловски“ во населбата Ново Лисиче во Аеродром, гласачкиот материјал со се кутиите се чува на отворено, на игралиштето во населбата попознато под името „Дупка“, а некои го викаат и по познатиот слоган – „Ново Лисиче будало“.
Вообичаено рано наутро доаѓа превозот и со обезбедување заминува во Државната изборна комисија.

Дел од материјалот е однесен, а во 9 часот дел од кутиите и останатиот избирачки материјал уште чека превоз. Ноќта тука минала бавно, велат „чуварите“ на гласачката волја на избирачите. Среќа е што малиот спортски центар има и апарат на „парички“ за кафе или чај.

Утрово тука помина и екипа на итната медицинска помош, откако беше алармирано дека на една претставничка на избирачки одбор ѝ се слошило.

Откако теренот ќе се „исчисти од изборите“ на игралиштето ќе втрчаат деца, но и повозрасни, за да изиграат можеби малку фудбал или баскет. Ако не заврне дожд.
П.Џ.






