
Според Андов, утврдена е одговорност, а која доаѓа откако службеник истурка новинарски екипи и ги попречи во работата во моментот кога Мијалков го напушташе затворот.
„Ќе се поведе дисциплинска постапка за двајца службеници од затворска полиција поради непочитување на протоколите за спроведување на притворено/осудено лице до предно стражарско место капија односно рампа. Потврдено е дека протоколот е прекршен и се постапувало вон истиот“, изјавил Андов за „А1он“.
Тоа значи дека затворските полицајци не смееле да ја напуштат капијата на затворот и дека нивната надлежност за спровод на Мијалков завршила кога тој ја напуштил затворската капија. Односно, затворските полицајци немаат право да ги носат притворениците до приватен автомобил надвор од затворската капија, ниту пак, да преземаат какви било службени дејства надвор од кругот на затворот.
Синоќа и Здружението на новинари на Македонија го осуди односот на униформираниот службеник од затворот Скопје во Шуто Оризари кој истурка новинари и сниматели и ги попречи во вршењето на нивната работа при излегувањето од притвор на екс директорот на УБК Сашо Мијалков вечерва пред затворот.
ЗНМ најави и дека ќе повика и на одговорност од страна на МВР како и Директорот на затворот за крајно непримерниот и недозволив однос од страна на униформираниот службеник кон новинарските екипи на ТВ Клан и А1он.






