„Деновите пред новогодишните празници бугарските пропагандисти во Република Албанија, имаа нов обид да бараат Бугари во селата во Голо Брдо, каде што повторуваме, нив ги нема. Имено, конзулот на Бугарската амбасада во Тирана на учениците од училиштата ‘Елез Кочи‘ и ‘10 Покојници‘ им делел новогодишни пакетчиња“, се наведува во реакцијата на Друштвото, пренесува МИА.
Во соопштението се додава дека на ваквите активности од страна на Македонците во Голо Брдо е остро реагирано, а бројни реакции пристигнале и до Друштвото.
„Во бројните реакции пристигнати до Друштвото, Македонците од Голо Брдо ја осудуваат оваа подла и необјаснива акција на Бугарската амбасада во Тирана, со делењето новогодишни пакетчиња на ученици во Голо Брдо и оценуваат дека тоа претставува уште еден акт за пропагандни цели од страна на претставниците на таа амбасада“, пишува во реакцијата.
Оттаму додаваат дека македонско друштво „Илинден“ од Тирана и огранокот за оваа област, како репрезенти на Македонците од Албанија, се солидаризираат со бројните реакции на македонското население во Голо Брдо.
„Воедно, сметаме за потребно на светската јавност да ѝ ја пренесеме пораката на Македонците од Голо Брдо во која јасно се отсликува македонското чувство на Македонците од Голо Брдо, Албанија, во која порачуваат дека отсекогаш биле Македонци и никогаш нема да бидат Бугари. Ние сме жители со достоинство и горди сме што сме Македонци со векови“, порачуваат Македонците од Голо Брдо.
Претходно реагираше и партијата на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), според која, „однесувањето на бугарската Амбасада во Тирана, која ја користи сиромаштијата во областите каде што живее македонската заедница во Албанија, прикажувајќи ја како бугарска заедница, е примитивна перверзија и историско искривување на вистината“.






