Во договорот што го доставила Захариева, како што кажа Османи, се барало Македонија да потпише дека македонскиот јазик произлегува од бугарскиот, а нацијата произлегла од обидот за ослободување од отоманската империја.
Османи вели дека засега нема идеја за потпишување нов договор со Бугарија.
Говорејќи за евроинтегративниот процес, тој кажа дека Македонија заслужи да започне преговори во Европската Унија.
„Мислам дека сме заслужиле да почнеме преговори, бараме нешто што е наше и заслужено и сметам дека не треба да оставиме простор ова прашање полека да влезе во замрзнат конфликт. Јас ќе работам ден за ден доколку се разбира имам можности за тоа, недела за недела без да давам долги рокови коишто би не опуштиле нас овде, коишто би ги опуштиле во Софија и во Брисел. Мислам дека сме заслужиле преговори, бараме нешто што е наше и заслужено“, порача Османи.
Исто така, тој очекува најавената посета на новиот бугарски премиер Кирил Петков на земјава да се реализира уште во јануари.
„Прво треба да се формира Владата овде кај нас, некаде во средината на јануари, и тогаш можеби за прв пат по осум месеци ќе имаме две политички Влади во двете држави кои што имаат спор – Република Бугарија и кај нас. Самото тоа по себе дава подобра можност за суштински разговори и надминување на разликите. Така да очекувам, најавената посета на Петков да се реализира уште во месец јануари и тоа ќе утврди една динамика, предвидливост за наредниот период“, порача Османи, додавајќи дека и во наредната година ќе бидат фокусирани на спорот со цел надминување на разликите со Софија и започнување на преговорите со ЕУ.
Според него, наметнувањето на историјата како критериум за членство во ЕУ беше нерационален пристап и е нерационален пристап којшто не го прифаќа ЕУ сама по себе.
„Пристапот наметнување историја како критериум, договор за една апсолутна историска вистина од пред 100 години, од пред 70 години мислам дека не е патот којшто две европски држави и две држави коишто се членки на НАТО тоа треба да го имаат како една единствена перспектива за соработка“, рече Османи.






