Иако целта на акцијата е пронаоѓање недозволени супстанци, досега, според нашите информаци, дрога не е пронајдена. МВР официјално не соопшти дали и што е најдено.
Наместо тоа, кај дел од учениците биле забележани предмети како клешти, шрафцигери и слични алати, по што тие ученици биле дополнително проверувани од страна на полицијата. Учениците објаснувале дека овие предмети ги носат поради потреба за поправка на велосипедите со кои доаѓаат на училиште.
Родителите реагираат на ваквиот пристап, оценувајќи дека наместо масовни проверки на ученици, институциите треба да се насочат кон откривање на евентуалните извори на дрога. Дел од нив велат дека нивните деца биле вознемирени од начинот на кој се спроведувале контролите, посочувајќи дека пристапот на одредени полициски службеници бил непријатен.
„Ги претресуваат децата на многу лош начин и непотребно шират страв. На децата им се обраќаат грубо, со ‘ОТВАРАЈ РАНЕЦ БЕ!’, па некои деца ги тргаат на страна на дополнителен претрес. Кај едно дете најдоа пумпа и шрафцигер за велосипедот, па половина час го малтретираа со закани дека може да му пишат кривична“, вели родител што набљудувал еден од ваквите претреси пред скопско училиште.
„Нека тресат, ама нека бидат културни, не да го вадат од памет цело школо. Син ми беше потресен од односот на полицајците, кои биле исклучително груби. Најлесно е деца да малтретираш“, вели мајка на скопски средношколец.
Реакција имаше и од педагогот во средното училиште СУГС „Орце Николов“, од каде што посочуваат дека не биле претходно известени за ваквите активности.
Од Министерство за внатрешни работи, пак, велат дека контролите се спроведуваат согласно со утврден план и дека навреме стапиле во контакт со одговорните лица во училиштата.
„Ве известуваме дека активностите во однос на спроведените контроли се реализираат во сите средни училишта на подрачјето на СВР Скопје. Тие се дел од редовни и превентивни мерки и се насочени кон заштита на јавниот ред и мир, како и општата безбедност на учениците. Од страна на полициските службеници при СВР Скопје, согласно утврден план, е стапено во контакт со сите одговорни лица во училиштата, кои се навремено информирани за целта и начинот на спроведување на активностите“, стои во одговорот од МВР.
Од Министерство за образование и наука информираат дека МВР нема законска обврска да ги известува за вакви активности, но дека се запознаени со контролите што се вршат во повеќе училишта. Оттаму додаваат дека досега реакција имало само од педагогот во „Орце Николов“.
„Дрога никаде не е најдена, а МВР има таква пракса повремено да проверува пред училиштата, обично пред матурските“, велат од МОН.
Инаку, ваквите контроли, според МВР, се редовни превентивни активности што повремено се спроведуваат заради одржување на безбедноста во училиштата, иако дел од јавноста отвора прашања за начинот на нивно спроведување и за нивното влијание врз учениците.
Во периодот од 2021 до 2025 година се бележат значителни осцилации во бројот на кривичните дела поврзани со недозволена трговија со дрога извршени од деца, покажуваат податоците од табеларниот преглед.
Според статистиката, најголем дел од делата се однесуваат на член 215 – неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Во 2021 година се регистрирани 27 вакви случаи, а бројот благо расте во 2022 година на 29. Потоа следува значителен пад во 2023 и 2024 година, кога се евидентирани по 13 случаи, додека во 2025 година повторно има зголемување на 17 кривични дела.
Кај кривичното дело „овозможување на употреба наркотични дроги“ (член 216), бројките се значително пониски. Во 2021 година е регистриран само еден случај, во 2022 два, а во 2023 и 2024 година по пет случаи. Во 2025 година бројот повторно опаѓа на два случаи.
Вкупно, бројот на кривичните дела извршени од деца изнесувал 28 во 2021 година, 31 во 2022, по што следува пад на 18 случаи во 2023 и 2024 година, додека во 2025 година е забележано благо зголемување на 19 случаи.
Паралелно, податоците за кривично пријавени сторители покажуваат поинаков тренд. Во 2021 година биле пријавени 26 лица, во 2022 – 27, а во 2023 година бројот достигнува врв од 30 пријавени. Потоа следува намалување на 20 во 2024 година и благо зголемување на 22 во 2025 година.
Од Министерството за внатрешни работи посочуваат дека не располагаат со податоци за деца корисници на дроги, бидејќи согласно со Законот за полиција не се води таква евиденција.
К.Д.






