Како што соопштија од МЕПСО, со оваа заедничка теренска посета, Латифи и Колак го потврдија максималното институционално и професионално заложување за што побрзо завршување на проектот.
„Станува збор за инвестиција што ја надминува класичната инфраструктурна димензија, создавајќи основа за поголема енергетска сигурност, посилна регионална поврзаност и подобро позиционирање на државата на идниот европски пазар на електрична енергија. Проектот за интерконекција со Албанија се очекува значително да придонесе за стабилноста на електроенергетскиот систем и за зголемување на капацитетите за размена и пренос на електрична енергија во регионот“, се наведува во соопштението на МЕПСО.
Проектот се очекува да заврши во текот на 2026 година.
Како што претходно пишуваше МКД.мк, проектот за 400-киловолтниот далновод помеѓу Македонија и Албанија требаше идосега да ја поврзе земјата во енергетската мрежа на регионот, но до денес, во 2026 година од предвидени 269 темели и столбови изградени се само 24 темели и ниту еден столб. Поради ова во март 2024 година договорот со сараевската фирма „Енергоинвест“ прерасна во правен конфликт на кој сè уште не му се гледа крајот.
Од МЕПСО веруваат дека аругментите за раскинување на договорот со сараевската компанија Енергоинвест која претходно беше ангажирана за изградба на интерконекторот кон Албанија се на нивна страна и дека во арбитражниот спор што го покренала сараевска фирма, МЕПСО ќе ја доби правната битка.






