На отварањето на изложбата „Mind(e)scapes“ на Асоцијацијата за култура ИКОН, се обрати директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, која нагласувајќи ја улогата на уметноста како средство за комуникација, интроспекција и општествена рефлексија ја истакна важноста од претставувањето на современата македонска уметност пред меѓународната публика.

Како што соопшти македонскиот КИЦ во Загреб, Ѓоргоска Илиевска посочи дека изложбата „Mind(e)scapes“ преку цртежот, графиката и визуелната поетика воспоставува релација меѓу четири различни, но комплементарни авторски пристапи преку кои се создава дијалог меѓу индивидуалните поетики на авторите и поширокиот културен контекст.

Кураторката на изложбата, Марија Коробар, претставувајќи го концептот на изложбата и уметничките поетики на авторите истакна дека „изложбата е замислена како простор на внатрешни пејзажи, лични слики, сеќавања, фрагменти, хумор, тишина и имагинација“.
„Насловот Mind(e)scapes игра со поимите mindscapes и escapes, отворајќи можност да размислуваме за уметноста како ментален простор, но и како бегство од секојдневното. Изложбата се фокусира на менталниот пејзаж како уметнички мотив и истражувачка алатка – како визуелизација на процесот на размислување, чувствување и спознавање“, истакна кураторката Коробар.
Изложбата е дел од годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб, поддржана од Министерството за култура и туризам и ќе биде отворена до 2 јуни.






