Проектот за 400-киловолтниот далновод помеѓу Македонија и Албанија требаше да ја поврзе земјата во енергетската мрежа на регионот, но до денес, во 2026 година од предвидени 269 темели и столбови изградени се само 24 темели и ниту еден столб. Поради ова во март 2024 година договорот со сараевската фирма „Енергоинвест“ прерасна во правен конфликт на кој сè уште не му се гледа крајот.
За четири години (не)работа ниту еден столб неизграден
Сѐ започна кога опозициската партија ДУИ го повика Јавното обвинителство да отвори истрага, а од генералниот директор на МЕПСО, Бурим Љатифи побара одговори зошто е раскинат договорот со сараевската фирма „Енергоинвест“ која од претходното раководство беше избрана како најповолен понудувач за да го гради далекуводот од Македонија кон Албанија. ДУИ побара и објаснување зошто, како што тврдат, е склучен нов договор „со компанија од Бања Лука, за која во јавноста постојат сомнежи за поврзаност со поранешниот претседател на Република Српска и Милорад Додик“.
Раководството на МЕПСО ги отфрла сите обвинувања и вели дека одлуката за раскинување на договорот со сараевската фирма донело поранешното раководство на компанијата во време кога токму ДУИ беше на власт.
„Управниот одбор на МЕПСО во ноември 2023 година констатирал дека нема напредок во проектот, поради што била покрената постапка за раскинување на договорот со ‘Енергоинвест’. Причината е затоа што во период од четири години биле реализирани само четири проценти од договорените работи. Во 2022 година, Енергоинвест го напуштил градилиштето со барање да се зголеми вредноста на договорот за седум милиони евра повеќе, иако договорот бил склучен како непроменлив договор по системот ‘клуч на рака’, што значи дека цената не можела да се менува“, тврдат од МЕПСО.
Оттаму како најголем проблем го посочуваат тоа што во мај 2023 година истекол рокот за завршување на работите, по што тогашниот управен одбор на МЕПСО донел одлука за раскинување на договорот.
„И покрај тоа, тогашниот надзорен одбор ја стопирал одлуката на управниот одбор и решил да му даде уште една шанса на ‘Енергоинвест’ за завршување на работите иако тоа е спротивно на статутот на компанијата и на законските прописи. И покрај дополнителната можност, не бил забележан никаков напредок во реализацијата на проектот“, децидни се од МЕПСО.

Аргументите на страната на МЕПСО, милионите на контото на Енергоинвест
Но ни ваквото објаснување не е доволно за ДУИ, па затоа од партијата побараа одговор зошто Советодавното тело за решавање спорови (ДАБ) донело одлука во корист на „Енергоинвест“ и пресудила дека на оваа сараевска фирма треба да ѝ се исплати шест милиони евра отштета.
Но, за МЕПСО нема дилема. Постојат цврсти докази дека договорот морало да биде раскинат, а тоа го покажува и форензичката анализа што актуелното раковдоство ја направила по доаѓањето на функцијата.
„Во март 2024 година се одржал состанок меѓу МЕПСО и ‘Енергоинвест’. Тогашното раководство на МЕПСО предложило потпишување анекс-договор во вредност од 2,8 милиони евра, но фирмата не ја прифатил понудата, барала седум милиони евра. Во мај истата година, тогашното раководство предложило анекс-договор со кој на сараевската фирма би ѝ биле исплатени 4,5 милиони евра, но и тој предлог бил одбиен“, објаснуваат од МЕПСО.
Сето ова било причина МЕПСО да побара форензичка анализа во која биле дадени препораки и насоки за понатамошното постапување.
„Напуштањето на градилиштето, прекинот на градежните работи или јасно изразената намера да не се продолжи со исполнување на договорните обврски претставуваат основа за раскинување на договорот од страна на МЕПСО. Како дополнителен доказ во анализата се наведуваат дописите на МЕПСО, извештаите од теренските увиди и краткорочните планови доставени од ‘Енергоинвест’. Според извештајот, состојбата на теренот можела да се квалификува како напуштање на градилиштето и прекин на работите. Исто така, во записникот од состанокот меѓу двете компании од март 2024 година, генералниот директор на Енергоинвест јасно изразил намера дека компанијата нема да продолжи со исполнување на договорните обврски. Дополнително, утврдено е дека компанијата немала сопствена механизација и градежна оператива во Македонија, туку целосно се потпирала на подизведувачи од струшкиот регион кои не покажале доволна заинтересираност и сериозност за завршување на работите, особено спорно тие имале искуство во градежништвото, но не и во изведување енергетски инфраструктурни проекти“, тврдат од МЕПСО.
Аругментите за раскинување на договорот со сараевската компанија „Енергоинвест“ за изградба на интерконекторот кон Албанија се на страна на МЕПСО и цврсто веруваме дека во арбитражниот спор ќе ја добиеме правната битка, велат од ракводството на МЕПСО. Оптимизмот го темелат токму на форензичката анализа, иако немаат одоговор зошто ако аргументите се на нивна страна, ДАБ донел одлука во корист на „Енергоинвест“.
„Убедени сме дека предметот ќе заврши во наша корист врз основа на сите документи и аргументи што ги имаме“, велат од актуелното раководство на МЕПСО.
Ова е особено важно бидејќи одлуките на ДАБ имаат значително влијание врз евентуалната постапка пред Арбитражниот суд. Поради тоа биле ангажирани две меѓународни адвокатски друштва кои, како што тврдат од МЕПСО, констатирале дека одлуката на ДАБ содржи сериозни пропусти, елементарни грешки и дека е непрофесионална и еднострана.

„Барањето на Енергоинвест за анекс-договор во вредност од седум милиони евра, што претставува 45 проценти од вредноста на договорот, може да содржи елементи на кривично дело“, пишувало во извештајот на адвокатите на кои се повикува МЕПСО.
Оттаму посочуваат дека со неисполнување на обврските од страна на „Енергоинвест“, МЕПСО досега има изгубено околу 19 милиони евра, но сега не можат да кажат дали и колку оштета би побарале доколку овој проблем стигне до надлежниот Арбитражен суд во Лондон.
Од МЕПСО немаат јасен одговор како договорот со „Енергоинвест“ бил важечки во 2024 година кога била донесена одлука за негово раскинување, рокот за изградба на далекуводот завршил една година порано, во мај 2023 година.
Политичките струи и обвинувања за корупција долеваат масло на огнот
Изградбата на далекуводот кон Албанија е проектот кој одамна не е само техничко прашање за експертите. Тој стана проект за меѓусебна пресметка на партиите и веќе редовните обвинувања за криминал и корупција на власта, но и на опозицијата кога таа била власт.
„Генералниот директор Бурим Латифи е именуван на функцијата врз основа на политички и семејни врски, а донел одлуки што директно го оштетиле јавниот интерес и овозможиле влез на компании со спорни врски во стратешкиот енергетски сектор. Јавното обвинителство да покрене кривична постапка за злоупотреба на службената положба, како и да се спроведе ревизија на сите договори склучени за време на неговиот мандат. Дополнително, бараме итно суспендирање на договорот со фирмата ‘ЕЛНОС БЛ’ сè додека целосно не се утврдат сите околности. Шест милиони евра од државниот буџет се цената на политичките именувања и врските со Додик. Бурим Латифи мора да одговара“, порачаа од ДУИ.

Од коалицијата Вреди пак, им вратија дека стариот договор со сараевската фирма „Енергоинвест“ бил „шема за испумпување пари“. Вреди ја обвини ДУИ за, како што велат, „дволичност“, бидејќи, според нив, прво го поддржале раскинувањето, а сега го бранат договорот со „Енергоинвест“. Дополнително, тие обвинуваат дека зад одбраната на договорот стојат интереси поврзани со финансиски придобивки.
„Наместо да објасни зошто клучниот енергетски проект за енергетско поврзување со Албанија беше блокиран со години, ДУИ повторно избира да шири дезинформации и политички конструкции. Вистината е многу поедноставна и многу понепријатна за нив. ДУИ ќе треба да одговори зошто нивниот партиски член, Нефи од Охрид беше главен подизведувач на проектот кој служеше само за испумпување на пари од МЕПСО. ДУИ ќе треба да одговори како тоа опремата за овој проект се наоѓаше во магацините на Нефи од Охрид. ДУИ ќе треба да одговори дали парите кои се испумпуваа од овој проект завршуваа во личните џебови на Али Ахмети и Бујар Османи. ДУИ ќе одговара за криминал и кочење на проектот“, порачаа од Вреди.
И додека партиите играат пинг-понг партија, кое раководство на МЕПСО е замешано во криминал, а кој е „чист како солза“, државата брои загуби. Според студијата на KfW, Македонија од раскинувањето на договорот со „Енергоинвест“ во 2023 година до денес изгубила околу 20 милиони евра приходи поради доцнењето на изградбата на далекуводот кон Албанија.
Надежта за стабилна струја и државен профит последна умира
И покрај проблемите, државата не се откажува од изградба на далекуводот кон Албанија. Градежните работи ги продолжува конзорциумот предводен од хрватскиот „Далековод Загреб“. Новиот договор вреди 19,3 милиони евра, а градежните работи треба да завршат за две и пол години. Раководството на МЕПСО уверува дека условите сега се „построги и чисти“, иако и овој договор има свој анекс од 2,9 милиони евра за кој актуелното раководство вели дека не е го потпишале тие.
Проектот се финансира со европски пари, договорот е класифициран како деловна тајна, а и форензичката анализа е од доверлив карактер, велат од МЕПСО. Со тоа, јавноста останува покуса за информациите како се трошеле парите, дали дел од нив завршиле во нечии и чии џебови како и информации за тоа дали постојат докази за сторен криминал, нешто за кое партиите меѓусебно се обвинуваат на дневна основа.
Најавен како стратешки проект, далекуводот кон Албанија треба да биде симбол на енергетската стабилност на Македонија и уште еден извор на пари за државата. Засега Македонија доби само 24 изградени темели и една недозавршена трафостаница. Според договорот, далекуводот кон Албанија треба да биде изграден до крајот на 2027 година.
Искра Опетческа






