петок, 8 мај 2026

МЕПСО верува дека ќе го добие спорот за изградбата на далекуводот кон Албанија

Аругментите за раскинување на договорот со сараевската компанија Енергоинвест за изградба на интерконекторот кон Албанија се на страна на МЕПСО и цврсто веруваме дека во арбитражниот спор ќе ја добиеме правната битка, велат од ракводството на МЕПСО. На денешната средба со новинарите, уште беше кажано дека одлуката за раскинување на договорот во декември 2024 година била донесена врз основа на опсежна анализа и дека направена е форензика на договорот во кој се анализирани сите аспекти на проектот, па оттука произлегува и оптимизмот на раководство на МЕПСО, државната компанија за пренос на струја.

Објавено на

часот

Сподели

Како што беше кажано на денешната средба со новинарите, државната компанија МЕПСО, задолжена за пренос на струја, ја обжалила одлуката на предарбитражното тело за спорови кое одлучило во корист на компанијата Енергоинвест од Сараево, Босна и Херцеговина, која требаше да го гради далекуводот кон Албанија.

Од МЕПСО се убедени дека ќе ја добијат правната битка со Енергоинвест посочувајќи дека аргументите се на нивна страна. Консултирале и две реномирани адвокатски компании од САД чие мислење е дека МЕПСО има многу јака основа за арбитража.

Актуелното раководство на компанијата вели дека причина за одлуката за раскинување на договорот во декември 2024 година е затоа што истекол рокот за реализација на градежните работи, а за четири години Енергоинвест изградил четири отсто од потребните работи од договорот однсоно од вкупно планираните 269 темели и столбови, оваа сараевска компанија изградила само 24 темели. Дополнително, Енергоинвест во 2022 година го напуштила градилиштето и оттогаш до раскинувањето на договорот воопшто не се појавила на терен.

„Одлуката е донесена врз основа на опсежна анализа и по направената форензика на договорот во кој се анализирани сите аспекти на проектот, а консултирани се и финансиерите кои укажуваат дека дури и да му биле исплатени дополнителните 7,7 милиони евра што ги побарал Енергоинвест за продолжување на изградбата на далекуводот, сепак тие не би биле во можност да го реализираат проектот затоа што целосно се потрпеле на подизведувачи од струшко кои имале искуство во градежништвото, но не и во енергетиката“, велат од раководството на МЕПСО.

Објаснувајќи ја хронологијата на настаните кои довеле до раскинување на договорот, од компнијата посочија дека во текот на 2023 година од претходните раководства во МЕПСО на Енергоинвест ѝ биле понудени два анекси на договорот за да продолжи со изградбата на далекуводот, едниот во вредност од 2,8 милиони евра и вториот од 4,5 милиони евра, но и двата биле одбиени од страна на сараевската компанија.

„Во мај 2023 година, согласно договорот, истекол рокот за завршување на работите, по што тогашниот управен одбор на МЕПСО донел одлука за раскинување на договорот, но надзорниот одбор на компанијата спротивно на статутот и законите ја стопирал одлуката и на Енергоинвест ѝ дале уште една шанса, по што конечната одлука е донесена во декември 2024 година“, велат од МЕПСО.

Поради сето ова, Енергоинвест се жалела пред предистражното тело за спорови, кое одлучило дека МЕПСО треба да плати шест милиони евра оштета бидејќи еднострано го раскинала договорот со Енергоинвест. Сепак од компанијата веруваат дека аргументите се на нивна страна, па затоа и од МЕПСО поднеле жалба на ваквата одлука.

„Убедени сме дека предметот ќе заврши во наша корист врз основа на сите документи и аргументи што ги имаме“, велат од актуелното раководство на МЕПСО.

Посочуваат дека со неисполнување на обврските од страна на Енергоинвест, МЕПСО досега има изгубено 19,8 милиони евра, но сега не можат да кажат дали и колку оштета би побарале доколку овој проблем стигне до надлежниот Арбитражен суд.

Случајот доби и политичка позадина. Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) побараа истрага против актуелното раководство на МЕПСО обвинувајќи го сегашниот генерален директор Бурим Љатифи дека го поништил договорот со Енергоинвест и го заменил со компанија која е блиска до поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик.

Од Вреди пак, посочуваат дека договорот имал сериозни проблеми како дополнителни финансиски барања, напуштање на градилиштето и загуби за државата и дека раскинувањето на договорот е направено врз институционална основа и професионална анализа.

Изградбата на 400 киловолтниот далноводот меѓу Македонија и Албанија треба да ја поврзе трансформаторската станица „Битола 2“ со албанската електрична мрежа преку Елбасан и Ќафасан, со што Македонија би се поврзала со сите соседни електроенергетски системи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ