Рамковната конвенција ги надополнува постојните меѓународни стандарди за човекови права, демократија и владеење на правото и има цел да ги пополни сите правни празнини што може да произлезат од брзиот технолошки напредок. За да го издржи тестот на времето, Рамковната конвенција не ја регулира технологијата и е во суштина технолошки неутрална.
Генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, на потпишувањето нагласи дека Македонија е 46-та земја што се приклучува кон конвенцијата, што потврдува дека вештачката интелигенција мора да му служи на човештвото.
„Усвојувањето е само почеток, сега ќе биде приоритет да се направи ратикфикација и спроведување. Се наоѓаме среде технолошка револуција, поттикната од дигитални технологии, каде што вештачката интелигенција бргу се развива – побргу од демократските заштитни мерки. Вештачката интелигенција веќе го обликува начинот на кој носиме одлуки, институциите и довербата и одговорот не е да покажеме отпор на ова транформација. Задача ни е вештачката интелигенција да ја направиме одговорна во согласност со човековите права, демократијата и владеењето на правото. Таа порака Македонија ја праќа денеска“, изјави Берсе.
Филков на потпишувањето во Владата изјави дека правната рамка, унапредувањето на човековите права, демократијата и владеењето на правото мора да го следат темпото на брзиот технолошки развој и дека конвенцијата претставува историски исчекор во таа насока.

„Што значи ова за Република Македонија? Пред сè, значи дека воведуваме јасни гаранции дека вештачката интелигенција ќе се користи на начин што ги почитува човековото достоинство, еднаквоста и недискриминацијата. Граѓаните ќе имаат поголема заштита на приватноста и на личните податоци, како и пристап до ефективни правни лекови доколку нивните права бидат повредени“, порача Филков.
Конвенцијата, посочи Филков, им овозможува на државите да ги приспособат мерките во согласност со своите правни и институционални системи, а притоа да ги почитуваат универзалните стандарди.
„Ова е од клучно значење за ефективна имплементација и одржливи резултати. Свесни сме дека пред нас стои сериозна работа. По потпишувањето, ќе следува темелна предратификациска анализа и процес на усогласување со нашето национално законодавство. Ќе бидат вклучени сите релевантни институции, експерти и фактори, со цел да обезбедиме квалитетна и сеопфатна примена на обврските што произлегуваат од конвенцијата“, изјави Филков.
Потпишувањето, посочи Филков, отвора простор за засилена меѓународна соработка – ќе се разменуваат знаење, искуства и добри практики со други држави, со што ќе се унапреди управувањето со новите технологии и ќе се обезбедат безбедни иновации.
„Денес, испраќаме јасна порака: технолошкиот развој мора да биде во служба на граѓанинот. Иновациите мора да бидат безбедни, етички и одговорни. Да ги избегнеме ризиците, но, пред сè, да ги искористиме придобивките – за подобри јавни услуги, поефикасно правосудство и посилна демократија“, изјави Филков.
Усвоена од страна на Комитетот на министрите на Советот на Европа во мај 2024 година и отворена за потпишување на 5 септември 2024 година, конценвијата досега е потпишана од Европската Унија, САД, Андора, Ерменија, Босна и Херцеговина, Грузија, Исланд, Лихтенштајн, Црна Гора, Норвешка, Молдавија, Сан Марино, Швајцарија, Украина, Обединетото Кралство, Канада, Израел, Јапонија и Уругвај.






