Министерката објаснува дека конкретните придобивки се јасни: поголема сигурност во снабдувањето, повеќе конкуренција, подобар пристап до алтернативни извори на снабдување, посилни услови за индустријата и попривлечна инвестициска средина, а стратешки, „се зајакнува и нашата улога како доверлив партнер во европската агенда за енергетска диверзификација“.
А токму диверзификацијата како услов за енергетската безбедност ја спомена како главен приоритет за нашата земја, посочувајќи дека за мал енергетски систем кој зависи од увоз, „диверзификацијата е прашање на отпорност, конкурентност и национална безбедност“, особено по последните геополитички случувања во Европа.
„За нашата земја, ова се пресликува во три практични приоритети. Прво, треба да обезбедиме пристап до различни извори и рути за природниот гас и нафтените производи. Второ, треба да ги зајакнеме мрежата за пренос на електрична енергија и прекуграничната соработка, бидејќи ниту една земја во Југоисточна Европа не може сама да изгради енергетска безбедност. Трето, треба да го забрзаме домашното производство од обновливи извори на енергија и модернизација на мрежите, за зелената транзиција да стане и политика на безбедност“, објасни Божиновска.
Додаде дека енергетската безбедност и зелената транзиција „не ги гледаме како спротивставени приоритети“, туку напротив, успешната транзиција мора да биде безбедна, економски пристапна и социјално одржлива.
Се осврна и на новиот Национален план за енергија и клима за кој рече дека е особено важен, бидејќи поставува структурирана рамка за зголемување на инвестициите во соларна, ветерна и хидроенергија, подобрување на енергетската ефикасност, како и постепено намалување на зависноста од јаглен, нагласувајќи дека „пристапот е прагматичен: нема зелена транзиција без безбедност и нема долгорочна безбедност без диверзификација и декарбонизација“.
Паралелно, за финансиските инструменти на ЕУ истакна дека се од клучно значење, но и дека „регионот има потреба од побрза, попредвидлива и пофлексибилна поддршка за стратешки енергетски инфраструктури“.
„За регионот, приоритетот е јасен: финансирање на инфраструктури што ги поврзуваат пазарите, ја поддржуваат интеграцијата на обновливите извори на енергија и ја зајакнуваат енергетската безбедност. Тоа значи електроенергетски интерконекции, рути за диверзификација на природен гас, модернизација на мрежите, складирање енергија, енергетска ефикасност и проекти за праведна транзиција. Западен Балкан треба да стане дел од енергетското решение на Европа“, истакна министерката.
За продуктоводот Солун – Скопје што одново беше активиран по пауза од 13 години, објасни дека е во денешната геополитичка средина, секоја дополнителна функционална рута ја зајакнува отпорноста, ја намалува зависноста од патен транспорт, ја подобрува предвидливоста на синџирот на снабдување и придонесува за посигурно снабдување со горива.
„За нашата земја, нафтоводот ја зајакнува безбедноста во снабдувањето со нафтени производи и поддржува поефикасни процеси на увоз. За Грција, ја зајакнува улогата на Солун и грчките инфраструктури како регионален енергетски и логистички центар. За Југоисточна Европа во целина, стратешкото значење е пошироко: покажува дека постојните инфраструктури можат повторно да се активираат и модернизираат за да одговорат на современите потреби за енергетска безбедност. Не станува збор само билатерален проект. Се вклучува во пошироката логика на регионална отпорност, каде што нафтоводи, пристаништа, ЛНГ-терминали, електроенергетски линии и гасни интерконекции создаваат постабилен и пофлексибилен енергетски систем“, посочи министерката.
Во однос на главните пречки за забрзување на енергетските поврзувања на Западен Балкан, објасни дека се и технички, но и се регулаторски, финансиски и институционални, додека пак за регионалните пазари посочи дека се од клучно значење, бидејќи „малите национални пазари се поизложени на нестабилност, ограничена ликвидност и нарушувања во снабдувањето“, а со поврзаноста „електричната енергија и природниот гас можат поефикасно да се насочуваат таму каде што има потреба“, при што се зајакнува конкуренцијата, а цените се формираат во потранспарентна и пофлуидна средина.






