Случајот е пријавен во Државниот просветен инспекторат, во Центарот за социјални работи, СВР Битола и во подрачното одделение за образование.
Како што пишуваат медиумите, ученикот пред извесно време бил префрлен од едно во друго одделение со цел подобро да се вклопи во училишната средина. Сепак, настанале несогласувања со новите соученици, на што реагирале нивните родители. По ова, тој објавил недолични и заканувачки пораки на социјалните мрежи. Родителите на другите деца побарале ученикот да биде преместен од одделението.
Училиштето „Стив Наумов“ преку соопштение информира дека веднаш постапило согласно своите законски надлежности и обврски во врска со настанот.
„Иако содржините не биле објавувани во рамките на училиштето, ниту за време на наставниот процес во училиштето, по добиената претставка од група родители до ДПИ, училиштето без одлагање ги извести надлежните институции – Министерството за внатрешни работи, Центарот за социјални работи и подрачното одделение за образование на општина Битола, со цел случајот целосно да се испита и понатаму институционално да се постапува по истиот. Во рамките на нашите надлежности, училиштето презеде соодветни мерки за заштита и поддршка на учениците, како и активности за смирување на состојбата и обезбедување безбедна и сигурна средина за сите ученици и вработени.
Апелираме до јавноста за воздржаност од ширење на непроверени информации и за почитување на приватноста и достоинството на сите инволвирани лица, особено имајќи предвид дека станува збор за малолетници. Безбедноста и благосостојбата на учениците останува наш највисок приоритет и училиштето ќе продолжи да соработува со надлежните институции до целосно разрешување на случајот“, се наведува во соопштението од училиштето.
Родителите на ученикот кој се заканувал најавиле дека ќе го преместат во друго училиште.






