Во своето обраќање, генералниот секретар посочи дека бил „навистина импресиониран“ од постигнувањата на Македонија, нагласувајќи дека Советот на Европа отсекогаш бил партнер и поддржувач на земјата во зајакнувањето на демократијата.
Тој ја истакна важната улога на Република Македонија во градењето на стабилноста и демократската отпорност во регионот и Европа, особено во услови на актуелни геополитички и безбедносни предизвици.
„Во вакви геополитички околности, довербата во демократските институции е апсолутно клучна, не само за земјите членки, туку и за стабилноста на Европа како целина“, истакна Берсе, додавајќи дека безбедноста и стабилноста се можни само преку силни и функционални институции.
Генералниот секретар ја поздрави и соработката со Македонија во повеќе области, вклучително и во делот на вештачката интелигенција, поддршката за Украина и унапредувањето на правата на малцинствата, при што посебно го поздрави брзото усвојување на Акцискиот план за малцинства.
Воедно, Берсе оцени дека претстојното претседавање на Македонија со Комитетот на министрите на Советот на Европа претставува дополнителна потврда за улогата и значењето на државата во рамки на европското семејство.
Тој изрази уверување дека високото ниво на доверба и конструктивна соработка меѓу Советот на Европа и Македонија ќе продолжи и во наредниот период.






