петок, 8 мај 2026

Директорот на ФБИ нареди полиграф за дел од вработените поради протекување на информации

Директорот на ФБИ Кеш Пател нареди полиграфски тестови за повеќе од дваесетина поранешни и сегашни членови на неговото обезбедување и друг персонал.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Два извори запознаени со ситуацијата велат дека Пател е во паника, обидувајќи се да ја спаси својата работа и да ги пронајде оние во својот тим кои протекуваат информации во медиумите.

Тој оваа недела почнал да се дистанцира од некои високи лидери на агенцијата откако медиумите објавија серија статии за проблеми со неговото раководство, објави Ем-ес нау.

Истите извори тврдат и дека директорот оваа недела избегнувал состаноци со клучни оперативни лидери, што предизвика загриженост во ФБИ за тоа дали Пател воопшто може да следи итни закани и истраги за да донесува навремени одлуки.

Портпаролот на ФБИ, Бен Вилијамсон, не сакаше да коментира дали Пател наредил полиграфски тестови. Тој ги отфрли тврдењата дека директорот се дистанцирал од високиот персонал, велејќи дека Пател редовно се среќавал со оперативните лидери, вклучувајќи ги неговите двајца заменици, помошници-директори и тимот за разузнавачки брифинзи.

„Оваа недела бев со него секој ден на редовни состаноци на оперативното водство. Тоа е лага“, рече тој. „Единствените што паничат се медиумските „паничари“ кои објавуваат лажни приказни затоа што не поминуваат нималку време известувајќи за рекордниот успех на ова ФБИ во намалувањето на криминалот“, додаде Вилијамсон.

Директорот побарал полиграфски тестови за да утврди дали членовите на неговиот тим кои го следат на патувањата или персоналот со пристап до чувствителни детали за неговите одлуки разговарале со новинарите. Изворите, плашејќи се од одмазда, побарале анонимност.

Овој потег доаѓа само еден ден откако Ем-ес нау откри дека Пател минатиот месец наредил тим агенти на ФБИ да покренат кривична истрага за протекување информации поврзани со статија во Атлантик. Статијата го опишува како лице кое прекумерно пие и кој тешко се буди наутро.

Извори за Ем-ес нау изјавија дека агентите биле длабоко загрижени за покренувањето таква истрага, која би барала од нив да ги испрашуваат контактите на новинарот кој ги собрал информациите. Тие верувале дека нема валидна правна основа за тоа. Истите извори велат дека агентите на кои им било наредено да го сторат тоа се плашеле дека Пател ќе ги отпушти ако не се сложат.

ФБИ и Министерството за правда обично не покренуваат кривични истраги за протекување на информации, освен ако не постои сомневање дека се компромитирани класифицирани информации. Испитувањето на новинарските белешки или контакти се прави само како последно средство или во вонредни околности, како што е закана за националната безбедност.

Масовното полиграфско тестирање и дистанцирањето на Пател од неговиот тим создаваат слика за директор кој сè повеќе се плаши дека претседателот Доналд Трамп ќе го отпушти поради лош публицитет. Трамп и високите советници на Белата куќа наводно се фрустрирани од лошите наслови што ги предизвика однесувањето и одлуките на Пател.

Ем-ес нау дознава дека ова не е прв пат Пател да спроведува масовно полиграфско тестирање на персоналот. Според еден извор запознаен со инцидентот пред неколку месеци, десетици агенти биле подложени на полиграфски тестови откако извештајот за Пателовото барање за набавка на оружје се појавило во јавноста.

Барањето било проследено до Квантико и било споменато од агент за време на повик со неколку колеги. Кон крајот на ноември минатата година, Трамп и советниците на Белата куќа приватно разговарале за отстранување на Пател од неговата функција.

Само неколку месеци по преземањето на функцијата, Пател бил под зголемен надзор за сомнително користење на ресурсите на ФБИ, вклучително и обезбедување за својата девојка и користење владин авион.

Дискусиите во Белата куќа следеа по извештајот на Ем-ес нау од ноември 2025 година дека Пател им наредил на агенти на СВАТ во Нешвил да ја штитат неговата девојка, кантри пејачката Алексис Вилкинс, да ја возат и да ја следат. Канцеларијата на Пател во тоа време соопшти дека безбедноста била соодветна поради заканите што ги добивала. Девојките и сопругите на поранешни директори на ФБИ никогаш немале посебна заштита.

Пател исто така се соочи со прашања за користење владин авион за патување на таканаречена „вечер за средба“, откако еден информатор откри дека отпатувал во Пенсилванија за да ја гледа Вилкинс како ја изведува националната химна.

Во февруари, Пател отпатува во Милано со владин авион за да ја гледа американската машка хокеарска репрезентација во финалето на Олимписките игри. Портпаролот на Пател потоа во официјална изјава наведе дека патувањето во Италија било официјално и дека директорот присуствувал на серија безбедносни состаноци.

Сепак, кратко откако американската репрезентација го освои златото, се појави снимка на која се гледа како Пател ја слави победата во соблекувалната. Тој е прикажан како пие пиво, прска алкохол во воздух и скока и навива со играчите. Тие снимки, според извори, го разбесниле претседателот. Трамп наводно му рекол на Пател дека не му се допаѓа перцепцијата на директор кој пие, додека тврди дека е на службено патување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ