Мажот, чиј идентитет не е објавен, бил на одмор со сопругата и двете деца на грчкиот остров Кос во летото 2024 година. Тој тврди дека лежалките биле зафатиле од 6 часот наутро. Тој платил 7.186 евра за 11-дневен престој во хотелот со 384 соби, неколку базени, места за релаксација и пристап до плажа, според пресудата на Окружниот суд во Хановер.
Иако хотелот имал дрвени знаци што забрануваат резервација на лежалки со пешкири без присуство на гости, таткото на две деца тврди дека посетителите редовно го игнорирале правилото.
Незадоволен од однесувањето на другите гости, тој го пријавил проблемот во туристичката агенција, но му било кажано дека спроведувањето на хотелските правила е одговорност на хотелот. Тој исто така тврди дека не можел да го реши проблемот дури ни откако контактирал со персоналот на хотелот, иако многу од лежалките секојдневно останувале празни, но „резервирани“.
Според пресудата, семејството станувало рано секој ден за да се обиде да најде место покрај базенот, но успеало да го стори тоа само еднаш. Дури и тогаш, вели туристот, само тој и неговата сопруга ги користеле лежалките, додека децата лежеле на пешкир на под.
Судот пресуди во корист на туристот во спорот против туристичката агенција, заклучувајќи дека аранжманот бил недоследен бидејќи потребите на семејството не биле задоволени. По првата тужба, поднесена неколку месеци по завршувањето на одморот, човекот добил делумен надомест. Сега му е досудена дополнителна отштета од 986,70 евра.
Според германскиот закон, туристичкиот аранжман се смета за недоследен ако патувањето не ги обезбедува услугите и условите што биле договорени при резервацијата. Судот наведе дека хотелот и туристичкиот оператор не се обврзани да обезбедат лежалка за секој поединечен гостин, туку дека бројот на лежалки мора да биде пропорционален на бројот на гости во хотелот.
Судот исто така се осврна на фактот дека децата на туристот не можеле да дојдат до лежалка за време на целиот одмор. Беше нагласено дека децата на возраст од девет и 12 години имале „потреба и право“ да седат или лежат на лежалка, а не на под.
Борбата за лежалки покрај базените и на плажите предизвикува фрустрација кај туристите со години, а практиката на рано зафаќање место со пешкири стана толку распространета што се зборува за неа како „војна на лежалки“. Како резултат на тоа, некои популарни туристички дестинации во Шпанија и Кипар целосно ја забранија резервацијата на лежалки однапред.






