Иако има мало подобрување во однос на претходните години, граѓаните и натаму имаат умерено ниско ниво на доверба и задоволство од работата на Собранието. Перцепцијата кај мнозинството испитаници е дека Владата има многу поголемо влијание врз Парламентот отколку што има Собранието реална контрола врз извршната власт. Граѓаните сметаат дека Собранието носи квалитетни закони и врши надзор врз Владата, но само со умерен успех.
Граѓаните имаат многу повисока доверба во верските заедници и во војската, кои и понатаму се на врвот меѓу институциите.
Од минатогодишната работа на Собранието, граѓаните ја паметат надзорната расправа за трагедијата во Кочани и дебатите за буџетот за 2026 година и за ребалансот на буџетот за 2025 година. Граѓаните најмногу ги паметат токму темите поврзани со одговорноста на власта и државните финансии.
Повеќе од половина од вкупно 1.002 анкетирани сметаат дека Собранието не е доволно отворено за јавноста. Голем дел од граѓаните не знаат кој е нивниот пратеник, ниту некогаш стапиле во контакт со него. Дополнително, доминира впечатокот дека пратениците првенствено ги застапуваат сопствените и партиските интереси, додека интересите на граѓаните остануваат во втор план.
Граѓаните негативно ја оценуваат и атмосферата на собраниските дебати. Според истражувањето, преовладува перцепцијата дека во Парламентот има повеќе конфронтации отколку соработка меѓу власта и опозицијата, а компромисот е редок.
Особено загрижувачки е податокот дека 64 проценти од испитаниците сметаат дека пратениците често или секогаш користат омаловажувачки и деградирачки говор кон политичките противници. Речиси половина од анкетираните сметаат дека таквиот речник се користи често, додека 15 проценти оцениле дека постојано се случува тоа.
Истражувањето покажува и дека кај мнозинството граѓани не постои чувство дека пратениците активно отвораат прашања од нивни интерес. Повеќе од половина од испитаниците изјавиле дека не забележале пратеник да поведе иницијатива поврзана со нивните проблеми или потреби.
Сепак, граѓаните поддржуваат формирање повеќепартиски групи во Собранието, особено за младите, борбата против корупцијата, невработеноста, лицата со попреченост и за самохраните родители. Забележително е и зголеменото внимание кон прашањата за заштита на животната средина. Истовремено, повеќе од половина од анкетираните, 51 процент, сметаат дека државата се движи во погрешна насока, додека само 28 проценти веруваат дека Македонија се движи во вистинската насока.
Истражувањето беше спроведено од 27 февруари до 10 март, преку теренска анкета со 1.002 испитаници од целата држава.






