сабота, 6 јуни 2026

Писмо од Капиштец: Интересот на „Интермецо“ над основните човекови права на стотици жители (ВИДЕО)

Жителите на населбата Капиштец во Скопје со години наназад живеат во постојан стрес, нарушен мир и целосна институционална игнорантност поради работењето на кафе-барот „Интермецо“, кој повеќе од 20 години е извор на бучава, хаос и небезбедност во оваа резиденцијална населба, се вели во писмото на жителите на оваа скопска населба.

Објавено на

часот

Сподели

Неколку дена во неделата, особено во вечерните часови, музиката од локалот ги надминува сите нормални и законски дозволени граници, велат тиа.

„Наместо мир и достоинствен живот, граѓаните се принудени да живеат како заложници во сопствените домови, без можност за одмор, сон или нормално секојдневие. Овој проблем не е само прашање на прегласна музика. Со години наназад, жителите се соочуваат и со целосен колапс на паркирањето во околината, уништување на јавен и приватен имот, вандализам, тепачки и нарушување на јавниот ред и мир, агресивно и недолично однесување на посетители и чести полициски интервенции. Особено загрижува фактот што сето ова се случува во населба во која живеат семејства, деца, постари лица и граѓани кои имаат право на мирен и безбеден живот“, се вели во писмото.

„Во изминатите години, безброј пати пријавувавме прекумерна бучава и нарушување на јавниот ред и мир. Полициски екипи доаѓаат на лице место, се вршат мерења на звук, се поднесуваат пријави и се водат постапки. Во одредени случаи, надлежните институции утврдуваа прекршувања и изрекуваа санкции. Но, наместо трајно решение, следуваат жалбени постапки, по што ‘Интермецо’ продолжува да работи по старо, а ние повторно остануваме сами со проблемот“, вели Диме Стојковски од иницијативата „За пристоен Капиштец“.

„Нема сомневање дека станува збор за пример на системска нефункционалност, неказнивост и институционална заштита на моќни интереси на штета на јавниот интерес и здравјето на граѓаните. Случајот со ‘Интермецо’ е алармантен пример за тоа како долгогодишното непостапување и толерирање на прекршувања може да создаде опасна пракса во која законите важат селективно. Јавноста веќе виде до какви последици може да доведе институционалното затворање очи пред неправилности, како во случајот со дискотеката ‘Пулс’ во Кочани. И покрај бројните реакции, претставки и повици до институциите во изминатите години, конкретно и трајно решение сè уште нема. Недозволиво е интересот на еден угостителски објект да биде ставен над основните човекови права на стотици жители. Граѓаните на Капиштец бараат итни засилени инспекциски контроли, мерење и санкционирање на прекумерната бучава, почитување на законите за јавен ред и мир, зголемено полициско присуство и најважно – системско решение што конечно ќе стави крај на долгогодишниот проблем. Капиштец не смее да биде жртва на нечии бизнис интереси. Жителите имаат право на мир, безбедност и достоинствен живот во сопствената населба“, се вели во писмото.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ