понеделник, 18 мај 2026

Од септември учениците ќе добиваат зголемени стипендии од 3.500 денари, најави Царовска

Објавено на

часот

Сподели

Министерката за образование и наука Мила Царовска по денешната средба со средношколските и студентските здруженија информираше дека вкупниот годишен износ кој ќе се распределува за оваа намена од речиси 87 милиони денари се зголемува на 97,8 милиони денари, а ќе бидат опфатени 3.100 ученици. Таа најави и воведување на нови стипендии.

„Заедно со претставниците на средношколците и со работната група Млади-МОН изминатите десет месеци работевме на анализи и план за зголемување на ученичките стипендии со цел да го стимулираме нивниот труд, знаења и успеси, но и да ги поттикнеме да се запишуваат во дуалните паралелки кои заедно со стопанските комори, компаниите и локалните самоуправи ги воспоставивме во средните стручни училишта. Политиката на стипендирање е проширена, како од аспект на видовите на стипендии, имаме повеќе нови категории за да се опфатат што повеќе млади, но и значително зголемени износи за голем дел од постојните, за навистина да ја почувствуваат материјалната поддршка од државата“, рече Царовска.

Според неа, фокусот на уписните политики е средното стручно образование кое се покажува како дефицитарно и нуди просперитет за младите, затоа најбројна категорија се стипендиите за ученици што ќе се запишат во дуални паралелки во четиригодишно стручно образование, но и ученици што ќе се запишат во тригодишно средно стручно образование.

„Поголема категорија се и стипендиите за социјална поддршка, за да излеземе во пресрет на учениците чии семејства имаат месечни приходи под она што значи оптимум за нормално живеење и функционирање“, изјави Царовска.

Таа најави дека по една деценија повторно ќе се стипендираат и студенти запишани на втор и трет циклус студии во државата. Обезбедено е факултетите да добијат 50 стипендии за магистерските студии од 9.000 денари и 15 стипендии за докторските студии во износ од 18.000 денари.

За сите видови стипендии ќе се објавуваат конкурси и заинтересираните навремено ќе бидат информирани за сите услови, критериуми и рокови за остварување на ова право.

Министерството за образование и наука преку работната група МЛАДИ-МОН ќе продолжи да креира политики со кои се подобрува стандардот и условите за учење за младите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ