Информации очекуваат и голем број граѓани што негодуваат затоа што не знаат ништо за своите најблиски, пациенти или пак медицински лица во тетовската клиника. Во шок се луѓе што ја дознале страшната вест за своите најблиски.
„Лекарите се борат за животите на повредените, да им посакаме среќа и да останеме со мислите со нашите сограѓани вечерва. Апелирам до медиумите и граѓаните да не се шпекулира со бројките. Сите потврдени информации навреме ќе ги споделиме. Изразувам сочувство до семејствата“, соопшти Филипче.

Премиерот Зоран Заев на својот фејсбук-профил напиша:
„Огромна трагедија се случи во тетовскиот ковид-19 центар. Експлозија предизвикала пожар. Пожарот е изгаснат, но згаснаа и многу животи. Борбата за живот трае сѐ уште, a сите служби реагираа пожртвувано и спасуваат луѓе.
Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на починатите и посакувам брзо закрепнување на повредените. Причините за пожарот ќе бидат утврдени, за што правосудните органи се веќе на терен. Ова е навистина трагичен настан и можам да ве уверам дека целиот државен врв е посветен на брзо разрешување на оваа ситуација“.






