„Сите 19 модуларни ковид болници во државата се типски објекти, градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди. Модуларните ковид центри, вклучувајќи ја и болницата во Тетово се отворени после технички прием. При градбата на сите модуларни болници, вградените материјали се сертифицирани. Ковид центарот во Тетово е проектиран со три влеза, ходниците се широки 2,4 метри, а парапетите на прозорите се ниски во случај на евакуација. Во објектот не е користено дрво и запазени се сите други потребни елементи за заштита“, информираат од Министерството за здравство.
Од таму уште објаснуваат дека при пуштање во употреба на објектот, направен е уреден технички прием, а при градбата имало уредно документирани записници за незначителни технички забелешки како што се силиконирање лајсни на подот, нивелирање на сифон во тоалет, продолжување на дел од олуците сл. По овие барања, според Министерството, било постапено и истите се санирани пред пуштање во употреба и хоспитализација на пациенти.
Од Министерството најавуваат дека овие документи ќе бидат доставени на увид на јавноста и медиумите уште денеска.
„Ковид-центарот во Тетово ги поседува и сите потребни сертификати за заштита при несреќи.
Апелираме да не се шпекулира со ваквите информации. Министерството за здравство очекува експертите и истражните органи што побрзо да го истражат случајот за оваа страотна несреќа. Сите аспекти на случајот да бидат предмет на темелна и брза истрага и секако одговорност доколку истрагата го покаже тоа. Самите модуларни ковид центри беа и сѐ уште се клучни во справување со пандемијата и хоспитализацијата на пациенти. Истите се градени по највисоки стандарди, а набавката која Министерството за здравство ја правеше е согласно стандардите за ваквите болници кои се користат во многу земји во светот“, се додава во соопштението од Министерството за здравство.






