Правото на протест е загарантирано, но законите и Уставот мора да се почитуваат, вели Мицкоски за протестот на кој се бараше можност за полагање на правосудниот испит на албански јазик. Тој вели и дека нема ништо против правото на граѓаните да протестираат, но посочи дека за време на собирот биле нарушени законските и уставните одредби.
И Влен смета дека ДУИ цели 20 години не го нашле решението.
„На ДУИ ѝ пропадна уште еден обид. Веќе ништо не им оди од рака. Пробаа со шатори, наводно за заштита на албанскиот јазик, а завршија со нон грата. Пробаа со писма до меѓународните претставници и добија нула одговори. Пробаа со политичката измама наречена референдум и изгубија со 10 општини во корист на Влен. На крај се обидоа да се перат преку грбот на студентите. И тоа им пропадна”, велат од Влен.
Од ДУИ пак обвинуваат дека на собирот албанските студенти од Тирана биле малтретирани од страна на полицијата и бараат оставка од заменик-министерот Астрит Исени, итна одговорност од МВР и јавно објаснување за секое полициско дејствие.
„Тие студенти не дојдоа за да провоцираат никого. Дојдоа да ги поддржат албанските студенти во Северна Македонија во нивното праведно барање за целосна и официјална употреба на албанскиот јазик. Да ги запираш, да ги попречуваш и да ги третираш како закана студентите кои се солидализираат со една јазична и национална кауза е неприфатлив чин. Нивната изјава дека се чувствувале ‘како заложници’ јасно го покажува размерот на ова малтретирање. Ова не е јавен ред. Ова е политички притисок врз албанските студенти и врз секој глас што бара еднаквост“, велат од ДУИ.






