Во резолуцијата усвоена во денес со 347 гласови „за“, 165 „против“ и 25 „воздржани“, пратениците во Европскиот парламент предупредија дека состојбата на демократијата, владеењето на правото и основните човекови права во Словачка ја загрозуваат заштитата на финансиските интереси на ЕУ.
Словачката влада на премиерот Роберт Фицо е на власт од октомври 2023 година.
„Фицо би сакал да стане новиот Орбан. Не смееме да дозволиме тоа да се случи. Комисијата еднаш направи грешка со финансирањето на непријателите на ЕУ. Резултатот беше масовна корупција и парализирана Европа. Се надеваме дека ја научивме оваа лекција. Владеењето на правото во Словачка мора да се обнови, а корупцијата успешно да се сузбие. Само тогаш даночните пари на европските граѓани повторно ќе бидат безбедни во Словачка“, порача во соопштение Даниел Фројнд, германски пратеник од Зелените во Европскиот парламент и иницијатор на резолуцијата.
Братислава се соочува и со обвинувања за злоупотреба на европските средства наменети за рурален развој и туризам. Во резолуцијата европратениците изразија загриженост бидејќи тие средства од ЕУ наводно биле користени за финансирање на изградба или реновирање на луксузни приватни имоти.
Белгиската европратеничка Софи Вилмес од клубот Ринју, исто така една од иницијаторите на резолуцијата, по гласањето објави дека „европските средства мора да служат на јавниот интерес, а со тоа и на интересите на граѓаните“.
„Но, кога владеењето на правото, независното судство или медиумите се ослабени, не можеме да останеме набљудувачи“, додаде Вилмес, членка на Специјалниот комитет за Европски штит за заштита на демократијата (ЕУДС).






