понеделник, 18 мај 2026

Херој и инспирација: 9-годишниот Никола донираше матични клетки за третман со трансплантација за неговата сестра

Објавено на

часот

Сподели

„Процедурата афереза на периферни матични клетки, во која донатор е дете, се изведува за прв пат кај нас на Клиниката за хематологија со помош на Клиниката за педијатрија. Со оваа соработка меѓу двете Клиники се отвора можност и педијатриски пациенти да бидат лекувани со најсофистицирани медицински интервенции. Сега пациентите нема да патуваат во странство, а и децата ќе може да спасуваат животи на членови на нивните семејства. На Клиниката за хематологија, во период од 3 години се реализирани над 150 трансплантации, од кои 6 хаплоидентични трансплантации, 20 трансплантации од несроден донор, најсложени интервенции заради кои во минатото пациентите беа праќани за третман во странски центри. Резултатите од третманот со овие интервенции се идентични со оние од европските центри за трансплантација и се пријавуваат во базата на Европската група за трансплантација на матични клетки (ЕБМТ) во која членува и тимот за трансплантација на клиниката од 2003 година. За оваа заложба, посветеност и екпертиза му честитам на медицинскиот тим предводен од проф. д-р Ирина Пановска Ставридис и на шефот на Одделот за трансплантација на матични клетки д-р Александра Пивкова Вељановска”, напиша Филипче.

Во тек на оваа недела на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија се реализираше меѓународна едукација за клеточна сепарација (афереза) и колекција на периферни матични хематопоетски клетки, донорски лимфоцити и плазмафереза, методи кои ќе се користат во третман на болните со малигни и немалигни хематолошки заболувања. Едукацијата ќе ја реализираат лекари специјалисти од Клиниката за хематологија и Клиниката за детски болести со помош на странски експерт. Ова е втора меѓународно акредитирана едукација која се спроведе на клиниката во изминатиот период со цел да се воведат нови тераписки методи кои претходно не се изведувале на клиниката. Екстракорпорална фотофереза, афереза на периферни матични клетки кај адултни и педијатриски болни и донори, колекција на донорски лимфоцити и плазмафереза се процедури кои се применуваат во трансплантационата хематологија за третман на малигните хематолошки заболувања или компликациите по трансплантација како што се акутен и хроничен тип на графт верзус домаќин болест.

ЈЗУ Универзитетска Клиника за хематологија со воведување на новите тераписки процедури ќе стане еминентен трансплантациски центар, по примерот на европските центри за трансплантација на хематопоетски матични клетки, во кој ќе се изведуваат сите процедури врзани за мобилизација, колекција, одредување на квалитетот на графтовите и бројот на ЦД34+ клетки, обработка и криопрезервација на алогените и автологни графтови на матични клетки и следење на имунолошкото опоравување по трансплантација преку одредување на лимфоцитни субпопулации со проточен цитометар.

На клиниката во период од 3 години се реализирани над 150 трансплантации, од кои 6 хаплоидентични трансплантации, 20 трансплантации од несроден донор, најсложени интервенции заради кои во минатото пациентите беа праќани за третман во странски центри.

Резултатите од третманот со овие интервенции се идентични со оние од европските центри за трансплантација и се пријавуваат во базата на Европската група за трансплантација на матични клетки (ЕБМТ) во која членува и тимот за трансплантација на клиниката од 2003 година. На 15 септември 2021 година клиниката ќе го одбележи своето искуство од 21 година со трансплантација на хематопоетски матични клетки и реализирани 615 трансплантациони процедури.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ