Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека во современиот свет влијанието на една држава не се мери само според нејзината големина, економска или воена моќ, туку и преку способноста да инспирира доверба, да создава идеи и да гради партнерства.
Тој нагласи дека културната дипломатија има суштинска улога во враќањето на човечката димензија во меѓународните односи, особено во време кога светот е технички поврзан повеќе од кога било, но политички и општествено често подлабоко оддалечен.
„Културната дипломатија често се опишува како мека моќ. Но во денешниот свет, таа воопшто не е мека во своето значење. Таа е сериозен инструмент на државно позиционирање, на градење партнерства и на долгорочно влијание“, истакна министерот Муцунски.
Во обраќањето беше нагласено и дека зад секоја држава стојат луѓе, зад секоја политика искуства, а зад секој идентитет историја, јазик, култура и достоинство, при што министерот потенцираше дека кога тоа ќе се заборави, дипломатијата станува „студена техника“, а кога ќе се разбере – таа станува простор за вистинско поврзување.
Посебен осврт беше даден и на улогата на културната дипломатија во градењето мир и доверба, при што беше истакнато дека мирот не се гради само кога ќе заврши кризата, туку многу порано – преку каналите на разбирање и дијалог што државите ги отвораат навреме.
Министерот Муцунски посочи и дека државата треба да ги користи културата, образованието, младите луѓе, уметниците, дијаспората, научното знаење и европската перспектива како дел од една поширока дипломатска понуда.
Во рамки на обраќањето беше нагласено и значењето на културната дипломатија за Западниот Балкан, при што министерот Муцунски истакна дека историјата не треба да биде алатка за блокирање на иднината, туку простор за разбирање, почитување и градење доверба.
Настанот е во организација на кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“ (ICAC) и Институтот за културна дипломатија од Берлин, со поддршка на Министерството за култура и туризам.
Форумот за културна дипломатија „Скопје 2026“ обедини претставници на дипломатскиот кор, академската заедница, културни институции, меѓународни организации и експерти од повеќе земји.






